Премиерот рече дека важно е што со францускиот предлог што беше прифатен е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања, дообјаснувања, астерикси. Со тоа, нагласи Ковачевски, се отвора вратата да нашиот македонски јазик стане еден од официјалните јазици на ЕУ и на тој начин, не само што ќе биде заштитен, туку ќе доживее и неверојатна промоција
Огромно е задоволството што после 17 години чекање, денес конечно ги отпочнуваме преговорите. Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните и полека но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратешка цел децении наназад.
Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски утрово во изјава што ја имаше пред почетокот на првата меѓувладина конференција во Брисел, а по средбата на која домаќинка беше претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен. На средбата присуствуваше и премиерот на Чешка, Перт Фиала, и албанскиот премиер Еди Рама чија земја денеска исто така ја одржува првата меѓувладина конференција.
По кратката средбата тие дадоа изјави само на англиски јазик, додека премиерот Димитар Ковачевски својата ја даде и на македонски.
Во изјавата тој се осврна на францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и рече овој европски предлог кој го добивме, преку широк консултативен процес бил препознаен како најдобро можно решение кое од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговори.
„Во него, а за нас исклучително важно, е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања, дообјаснувања, астерикси. Со тоа се отвора вратата да нашиот македонски јазик стане еден од официјалните јазици на Европската Унија, што лично го сметам за најголемото достигнување и најважен успех. Македонскиот јазик, на овој начин, не само што ќе биде заштитен, туку ќе доживее и неверојатна промоција со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик, ќе можат да се запознаат со него. Воедно, нашиот идентитет, сè она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција, ќе остане токму тоа, автентично македонско и во Европската Унија, а тоа воедно ќе биде поголемо богатство за Унијата и обединување во различностите“,
рече Ковачевски.
Северна Македонија, продолжи тој, природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство и нејзиното место е во ЕУ.
„Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија и за земјите членки и така и продолжуваме да работиме и функционираме во иднина. Затоа и очекувам да имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земја членка во ЕУ исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО. Ние сме подготвени за ЕУ! Искрено се радувам, заедно со граѓаните на ова денешно добредојде од ЕУ. Ако по утрото се познава денот, тогаш со сигурност ова ќе биде одличен ден, историски, на кој ќе се гордееме и кој ќе нѝ обезбеди сигурна, безбедна и европска иднина“,
рече Ковачевски.