Пред почетокот на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија со ЕУ, премиерот на Чешка, Петр Фиала, изјави дека се почестени што двете земји ги почнуваат преговорите во време на претседавањето со ЕУ од страна на неговата земја.
Чешка, рече тој, секогаш го поддржувала проширувањето на ЕУ на Западен Балкан и така и ќе остане.
„Во име на чешкото претседателство на советот на ЕУ им честитам на двете ваши земји за овој успех, сите ќе бидеме посилни токму поради вашиот избор кој неколку пати беше ставен на тест. Соочувајќи се со руската агресија го цениме тоа што стоите заедно со ЕУ и нејзините политики. Во денешна Европа мора да бидеме здружени што е можно повеќе. Чешка секогаш го поддржуваше проширување на ЕУ на Западен Балкан и тоа така и ќе остане. Почестени сме што ваков напредок се случува токму под нашето претседателство, но мора да се заблагодариме и на француското претседателство за нивната работа и посветеноста кои ни дозволија да дојдеме до овој историски момент“,
рече Фиала.
Чешка и целата Европа, рече тој, ја разбираат важноста од ЕУ-интеграциите за демократиите, безбедноста и развојот на економиите.
„Иднината на ЕУ е пред вас и ви е на дофат. Ви посакувам што е можно побрзо да се придвижите кон нашето семејство“,
рече чешкиот премиер.