Бугарскиот премиер денеска присуствуваше на прославата на планинскиот врв Шипка, каде што насобрани граѓани го исвиркаа и бараа оставки, а по неговото обраќање го гаѓаа со снежни топки од кои една обезбедувањето успеа да ја спречи пред да го погоди во глава

Бугарскиот премиер Кирил Петков доживеа инцидент на одбележувањето на националниот празник по повод ослободувањето на Бугарија, кое традиционално се одржува на врвот Шипка во Бугарија.
На свеченото одбележување, заедно со Петков, присуствуваа и претседателот на Народното собрание, Никола Минчев и пратеници во бугарскиот парламент.
Меѓутоа, Петков го пречекаа скандирања „Предавници“ и „НАТО надвор“ од страна на насобрани граѓани, кои традиционално во голем број и годинава го посетија врвот Шипка. Многубројни бугарски, но и руски знамиња, исто така, можеле да се забележат на настанот. Дел од медиумите јавуваат дека имало и многу партиски знамиња од партијата Преродба.
Обраќање на настанот имаа и Минчев и Петков, но тие се надвикуваа со насобраните бугарски граѓани бидејќи постојано им упатуваа свирежи и извикуваа „Оставка“. Прв се обрати претседателот на парламентот, а по него и бугарскиот премиер. Откако Петков заврши со обраќањето, како што може да се види и на видеата од настанот, граѓани го гаѓаа со снежни топки од кои една обезбедувањето успеа да ја спречи во моментот пред да го погоди бугарскиот премиер во глава.

Потоа Петков набргу веднаш се упати кон граѓаните од каде што беше фрлена снежната топката. Обезбедувањето кое го опколуваше, иако се обиде, не успеа да го спречи во намера. Бугарскиот премиер се обиде да разговара, но со оглед на големата врева од видеата од настанот не може да се слушне што зборуваат.
Во говорот по повод ослободувањето на Бугарија, пак, Петков зборуваше за обединување.
„Веројатно 2 март и тогаш бил студен како и денес, но еуфоријата во срцата на Бугарите беше исто толку силна. Се бореа нашите предци и доброволци на Шипка, руски и украински војници ги дадоа животите за да бидеме слободни, да бидеме независни, да имаме обединета Бугарија. Време е Бугарија да каже дека е обединета, сите сме Бугари и сите го славиме националниот празник на Бугарија… Секој што сака да направи поделба денеска, на државниот празник, не работи во интерес на нашата држава. Време е да се каже дека Бугарија е над сè“,
рече Петков.
Бугарските медиуми потсетуваат дека традиционално на одбележувањето на националниот празник на Шипка претходните години присуствувал претседателот Румен Радев, а не премиерот. Меѓутоа, годинава Радев остана на одбележувањето во Софија. Тој последен пат беше на врвот Шипка во 2020 година како дел од церемонијата на одбележување на празникот, и покрај тоа што тогаш владата на Бојко Борисов имаше воведено забрана за официјални прослави поради пандемијата на ковид-19.