Во просторија не поголема од 15 квадратни метри импровизирано е гласачко место со еден параван. Четворица претставници на Државната изборна комисија го спроведуваат процесот, со еден дополнителен набљудувач. До 15 часот гласале 170 лица од 366 заведени со право на глас
Од вкупно регистрирани 366 гласачи во казнено-поправната установа – затвор Шутка до 15 часот гласале околу 46 отсто, односно 170 гласачи, изјави за „360 степени“, Александар Глигоров, претседател на Избирачкиот одбор.
Гласањето започнало навреме, во 7 часот наутро и се одвива непречено без инциденти.

„Гласањето се одвива непречено без проблеми и сè тече во најдобар ред. Излезеноста е тука некаде, нема поголема разлика“,
изјави за „360 степени“, Александар Глигоров, претседател на Избирачкиот одбор.
Прашан што значи тоа во бројки, споредено со првиот круг претседателски избори, Глигоров рече дека ги нема, но дека можел да воочи оти излезеноста е слична.
„Ги немам бројките од претходниот пат, но колку што го гледаме текот на изборите, излезеноста е толку. До 15 часот гласаа 170 гласачи од 366 вкупно, што значи 46,4 отсто“,
рече тој.
Во однос на тоа дали и колку лица одбрале да не гласаат за претседателските или за парламентарните избори, такви случаи се малку.
„Да, се случува, ама тоа е многу ретко. Имаме три-четири ливчиња да сакаат да гласаат за парламентарни, а да не сакаат за претседателски“,
изјави претседателот на Избирачкиот одбор.
Казнено-поправната установа – Затвор Шутка се наоѓа на самиот влез во општина Шуто Оризари. За влез како новинар во затворот и снимање на каков било видеоматеријал, прво поминувате низ неколку процедури за легитимација од Министерството за правда преку Управата за извршување санкции, сè до влезот на затворот. До гласачкото место се доаѓа со легитимирање прво на главната порта на установата, па на влезната врата од затворскиот објект и на крај уште еднаш при влезот во затворот. Се влегува без мобилни телефони и со полициска придружба до пунктот за проверка на метал и други материјали.
Внатре, во просторија не поголема од 15 квадратни метри импровизирано е гласачко место со еден параван. Четворица претставници на Државната изборна комисија го спроведуваат процесот, со еден дополнителен набљудувач.
Полицијата спроведува по петмина гласачи од кои еден влегува, а останатите чекаат додека не заврши индивидуалното гласање. Секој гласач кој отслужува некаква казна најпрво ја кажува општината од која доаѓа, па таа се запишува рачно, со пенкало, на бел коверт и по гласањето зад параванот ливчињата завршуваат во ковертот. Потоа тие се дистрибуираат кон општините каде што е регистриран гласачот.
Не секој од гласачите кои отслужуваат казна беше расположен да гласа пред камера, но имаше и такви кои дофрлаа дека сакаат да дадат и изјава но не се во можност.
Покрај затворениците, денеска гласаат и болните и немоќните лица, како и дијаспората.