Од она што го забележа репортерот на „360 степени“ утрово во објектот, кој е целосно изгорен и во околината каде што има изгорени кревети, се наоѓаат екипи на крим-техника кои вршат увид, за разлика од вчера, кога тука имаше стотина роднини на пациенти што се лекуваа во модуларната болница
Ситуацијата околу објектот на модуларната ковид-болница во Тетово, која синоќа изгоре во пожар, утрово е мирна. Полицијата во голем број го обезбедува објектот кој целосно е изгорен и не дозволува приод од никого. Присутни се и голем број новинарски екипи.
Од она што го забележа репортерот на „360 степени“ утрово, во објектот и околината се наоѓаат екипи на крим-техника кои вршат увид, за разлика од вчера, кога тука имаше стотина роднини на пациенти кои се лекуваа во модуларната болница.
Од она што може да се регистрира со камера, може да се види дека објектот, кој до вчера беше модуларен-ковид центар, е целосно изгорен, надвор има и дел од инвентарот, како болнички кревети, кои исто така се изгорени.
Во градот, пак, владее траорна атмосфера. Граѓаните се во шок, не им се верува дека ваква трагедија се случи.
Како изгледа местото утрово, погледнете од фотогалеријата во продолжение.

















Министерството за здравство утрово соопшти дека во вчерашната трагедија во модуларната болница на ковид-центарот во Тетово во пожарот загинаа вкупно 14 лица. Меѓу настраданите нема здравствени лица, освен неколкумина кои се со полесни повреди.
Од ОЈО претходно соопштија дека издадени се наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, додека се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК-анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.
Исто така, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот во и околу објектот, сослушани се вработените, а со увидот ќе се продолжи и во текот на денешниот ден.