Русковска рече дека го запознала со предметите и го упатиле кај кои обвинители да се обрати за оние случаи што се од интерес на јавноста. За нејзината понатамошна кариера, пак, на новинарите им рече дека не размислува во овој момент за тоа со оглед дека има здравствени проблеми и треба да прави операција
Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) даде заклетва пред Советот на јавни обвинители, а потоа во просториите на обвинителство ја презеде функцијата од Вилма Русковска.
На примопредавањето на функцијата Абази ѝ подари букет бели рози на Русковска, а таа го информираше за предметите што се водат и му посака успешна работа.
„Го упатив во некои предмети, кај кои колеги се, да разговара со тие колеги за предмети што се од интерес на јавноста. Му посакав се најдобро. Мислам дека на солидни основи го поставив обвинителството и очекувам така да продолжи“,
изјави Русковска.
На прашање дали на новиот шеф му кажала каде од нејзиното искуство има „лизгав терен“ во работата, обвинителката одговори дека смета оти Абази е свесен за тоа и нема потреба да му кажува.
За нејзината понатамошна кариера, пак, на новинарите им рече дека не размислува во овој момент за тоа со оглед дека има здравствени проблеми и треба да прави операција.
„Видовте како одам. Морам прво тоа да го средам и треба да одам на преглед, додека не се оперирам јас не размислувам за тоа што ќе правам понатаму. Ова ми е приоритет. Советот на ЈО што ќе одлучи јас не знам“,
рече Русковска.
Кривичната пријава против неа од поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми за претресот од јули годинава, пак, рече дека очекува да биде отфрлена, а со тоа и да се укине дисциплинската постапка.
Инаку, Русковска, во меѓувреме аплицираше на оглас за обвинителка во републичкото обвинителство, но таму изборот сè уште не е направен. По неа ја чека и старото место во ОЈО Скопје, но дали ќе биде упатена во скопското обвинителство или ќе остане суспендирана, од Советот на јавни обвинители ќе одлучуваат следната седница бидејќи рекоа дека мора да видат како гласи решението за времено оддалечување односно дали во него пишува дека е суспендирана како шефица на ОЈО ГОКК или воопшто како обвинителка.
Абази на нејзиното место доаѓа откако победи на непосредните избори на 7 ноември на кои гласаа обвинителите од цела држава, за првпат организирани според новиот Закон за јавно обвинителство. Тој тогаш освои 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири. Противкандидатка му беше и Русковска, но таа имаше само 14 гласа. Во трка беше и вишата обвинителка од Гостивар, Деса Пауновска, која заврши како четвртопласирана со 10 гласа.