Една од жртвите е електричар на Државната електроенергетска компанија, кој загинал при интервенција во Химара. Втората жртва е 61-годишен рибар, чиј чамец се превртел поради силното невреме и разбрануваното море
Во силното невреме проследено со силен ветер и обилни врнежи што во текот на изминатата ноќ го зафати југот на Албанија, загинаа две лица, а тројца се повредени, јавуваат албанските медиуми.

Една од жртвите е електричар на Државната електроенергетска компанија, кој загинал при интервенција во Химара.
Според информациите, тој паднал од столб додека отстранувал дефект на електричната мрежа во областа Потами, откако му се скинал безбедносниот појас.
Несреќата се случила околу три часот по полноќ.
Втората жртва е 61-годишен рибар, чиј чамец се превртел поради силното невреме и разбрануваното море, а неговото тело е пронајдено утринава.
Во Саранда, силниот ветер соборил десетици дрвја, при што биле оштетени повеќе возила. Три лица побарале лекарска помош поради повреди предизвикани од скршено стакло и паднати гранки.
Невремето предизвикало проблеми и во други делови од земјата.
Во Либражд делови од општината останале без електрична енергија, а прекините во снабдувањето со струја довеле и до проблеми со водоснабдувањето, особено во Патос.
Надлежните служби работат на отстранување на последиците и нормализирање на снабдувањето со електрична енергија и вода во погодените подрачја.
