Во улога на домаќин на денешната нова рунда преговори Белград–Приштина, премиерот Димитар Ковачевски го пречека и српскиот претседател Александар Вучиќ во комплексот „Билјана“ во Охрид.
Ковачевски го поздравил учеството на Србија на разговорите и изразил задоволство дека со посредство на Европската Унија се овозможува отворен дијалог кој е од голема важност за регионалната стабилност и безбедност, а кои ќе се чекор напред кон европскиот пат на регионот, соопшти владината прес-служба.
„Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ се согласија дека мирот не само во двете земји туку и во целиот регион е важен, а дијалогот е битен за подобрување на односите. Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ“,
велат од Владата.
Ковачевски утрово во Охрид прво ги пречека високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, а подоцна и косовскиот премиер Албин Курти.
На средбата Вучиќ–Курти, со посредство на Борел, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.
Инаку, пред официјалниот старт на новата рунда преговори, Курти се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Фотографии на Фејсбук објави министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој исто така присуствувал на средбата.