„На терен е ангажирана механизација која врши насипување со земја и санирање на запалените површини, со цел целосно локализирање на пожарот. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето“, вели градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец
Депонијата во Радовиш гори веќе петти ден, а надлежните институции и понатаму преземаат мерки за ставање на пожарот под контрола и спречување на неговото ширење.

Градоначалникот на Радовиш и командант на кризниот штаб, Љупче Почивалец, во консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје-Штип, на Фејсбук апелира граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено и да ги ограничат движењата, особено во периодите кога чадот од депонијата е најинтензивен.
„Во последните два дена на депонијата има само чад, нема оган. Општина Радовиш и надлежните служби активно работат на локализирање и гаснење на пожарот. На терен е ангажирана механизација која врши насипување со земја и санирање на запалените површини, со цел целосно локализирање на пожарот. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето“,
рече тој.
Во препораките што ги објави градоначалникот се наведува граѓаните редовно да ги следат известувањата и насоките од надлежните институции преку медиумите и мобилните апликации, како и да ги почитуваат евентуалните наредби за евакуација или засолнување.
Се препорачува прозорците и вратите во домовите и работните простории да се држат затворени, а клима-уредите и системите за вентилација кои внесуваат надворешен воздух да бидат исклучени.
Од општината апелираат граѓаните да престојуваат во затворени простории, да избегнуваат контакт со отпад или предмети од погоденото подрачје и да користат заштитни маски од типот FFP2, FFP3 или N95.
Во препораките се наведува и да се избегнуваат спортски и рекреативни активности на отворено, како и престој на деца во дворовите на училиштата и градинките. Посебна заштита се препорачува за ранливите категории граѓани, меѓу кои децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања.
Надлежните посочуваат дека доколку кај граѓаните се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите или вртоглавица, веднаш треба да побараат медицинска помош.
