Шефицата на полицијата во Рокфорд, Карла Ред, изјавила дека не сите жртви биле избодени со нож, но и дека кај ниту една од нив не биле констатирани рани од огнено оружје
Четири лица се убиени, а најмалку пет се ранети во напад со нож што вчеравечер го извршил маж во американската сојузна држава Илиноис, јавуваат светските медиуми.
Според Си-ен-ен, жртви во нападот се 15-годишно девојче, 63-годишна жена и двајца мажи на возраст од 49 односно 22 години. Петтемина повредени, како што соопштиле од полицијата во гратчето Рокфорд, каде што се случил нападот, се пренесени во локалните болници и кај нив се констатирани сериозни повреди.
Во врска со нападот е уапсен 22-годишен маж кој е на распит во полиција, која сè уште работи на утврдување на мотивите, што засега остануваат нејасни.
Нападите, според истражните органи уследиле откако бил извршен претрес во дом во Рокфорд, но нападите, како што навеле од полицијата, се случиле на повеќе локации во гратчето.
Шерифот на округот Винебаго, под чија јурисдикција е Рокфорд, Гери Каруана, изјавил дека млада жена се здобила со убодни рани на рацете и лицето додека бегала од осомничениот. Таа е пренесена во болница и е под интензивна нега.
BREAKING: Mass stabbing attack in Rockford, Illinois leaves four dead, five others wounded. Police have a suspect in custody, motive unknown at this time. A mail carrier is believed to be one of the victims in the spree. pic.twitter.com/j6q2LfBlOb
— Breaking 4 News (@Breaking_4_News) March 28, 2024
Маж, кого шерифот во изјавата го опишал како „добар Самарјанин“, бил исто така ранет, но со помалку сериозни повреди, откако се обидел да ѝ помогне на жената.
Шефицата на полицијата во Рокфорд, Карла Ред, изјавила дека не биле сите жртви избодени со нож, и дека кај ниту една од нив не биле констатирани рани од огнено оружје.
Според неа, полицијата не верува дека има други лица осомничени за нападот.
„Немаме јасен мотив во врска со тоа што го натерало овој поединец да изврши такви грозоморни злосторства“,
изјавила Ред.
Градоначалникот на Рокофорд, град оддалечен околу 145 километри од Чикаго, Том Мекнамара, нападот го опишал како голем удар за целата заедница.
Тој соопштил дека денеска и утре во средното училиште „Флин“ во градот ќе бидат организирани бесплатни советувања за погодените лица и семејства од нападот.
„Тешко е да се сфати како тоа може да се случи и колку е емотивна и погодена заедницата вечерва. Како татко, син, сопруг, градоначалник и поддржувач на Рокфорд моето срце се крши за оние што ги загубија животите, нивните семејства и нашата заедница“,
вели Мекнамара во објава на социјалните мрежи.