Дефицитот за 2022 година, првично проектиран на 4,3% од БДП или во апсолутни бројки – на 540 милиони евра, со најавениот ребаланс на буџетот се очекува да порасне за околу два проценти поена или за нови 200 милиони евра, најави вицепремиерот за економски прашања во интервју за „360 степени“
За макрофинансиската помош што Владата најави дека ќе ја бара од ЕУ, Битиќи вели дека не станува збор за пренамена на пари од ИПА, туку за нов инструмент за директна буџетска поддршка за држави што не се членки на Унијата, при што дел од парите се неповратни, а дел – кредит
Со ребалансот на буџетот, кој се очекува да влезе во собраниска процедура во мај, проекцијата за економскиот раст за 2022 година ќе се ревидира надолно, за околу 20% од првичниот план (4,6% од БДП) и ќе изнесува околу 3,5%, најави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во интервју за „360 степени“, нагласувајќи дека не станува збор за финални пресметки. Дефицитот, пак , според првичните проценки во Владата, ќе порасне за околу два процентни поена од актуелната проекција која е 4,3%.
Битиќи: Ако останеме на сегашната состојба, мислам дека (дефицитот ќе порасне) за 2% повеќе.
„360 степени“: Значи, 6,3%?
Битиќи: Отприлика. Тоа е мојата проценка, се уште не се финални сите калкулации.
„360 степени“: Во апсолутни бројки, тоа колку се дополнителни 200 милиони евра?
Битиќи: Отприлика. За покривање на дефицитот. Тоа што е исклучително важно е што покажуваме дека не треба да се кратат капиталните инвестиции.“
Со оглед на тоа што, според актуелната проекција, дефицитот за 2022 година изнесува околу 540 милиони евра (4,3%), со новите околу 200 милиони, тој ќе достигне околу 750 милиони евра.
„360 степени“ го праша вицепремиерот Битиќи што конкретно значи најавата од Владата за барање макрофинансиска поддршка од ЕУ.
Битиќи: Тоа е нов инструмент, не е ИПА, се користеше во времето на ковид, така добивме 160 милиони евра.
„360 степени“: На колку пари може сега да се надеваме?
Битиќи: Се преговара. Интересен податок, ние првпат за ова зборувавме со претставниците на ЕК кога бевме на состанок во Лондон со министерот за финансии и премиерот, на самитот за Западен Балкан, и бевме први што рековме дека знаеме за овој инструмент, за нечленки на ЕУ.
„360 степени“: Тоа е грант, неповратни средства?
Битиќи И едното и другото.
Дополнително, Битиќи очекува дел од дефицитот да се покрие и преку заемот за претпазливост и ликвидност од ММФ, како и со еврообврзница, чие издавање, во моментов, е на чекање поради високите камати.