Нема ден да помине без изјава од бугарски политичар на тема „Македонија“.
„Не е вистина дека го оспоруваме вашиот идентитет. Тоа е лага“,
вели министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Но, ова тврдење на шефицата на дипломатијата има дообјаснување од министерот за одбрана.
„Зашто ти сега тврдиш дека твојот идентитет е од пред 1 000 години. Тој е од 1944 година“,
изјави Каракачанов.
Во обид да се оправда ветото, некои тврдења од Софија добиваат комичен призвук, како она по најавата на премиерот Заев дека српскиот јазик се враќа како изборен предмет во училиштата.
„Тоа негира некои тврдења дека таа врска со Русија и Србија била прекината. Напротив, тоа е таа идеологија создадена од тие две држави за македонизмот“,
кажа Захариева.
Скопје, пак, реши да зборува за рационален наместо емоционален пристап.
„Сѐ додека постојат тие разлики, ние треба да продолжиме да разговараме и никако не смееме да дозволиме ова да прерасне во еден замрзнат конфликт“,
рече шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Можен ли е макар делумен напредок пред изборите во Бугарија и што би бил тој?
Во Бугарија за 40 дена ќе се одржат парламентарни избори. Неформалната кампања е во полн ек. Во обид да утврдиме што е основата за оптимизмот на македонската страна дека има простор за напредок во разговорите и дека првата етапа кон евентуалниот успех е усогласување на таканаречениот акциски план, „360 степени“ разговара со Владо Бучковски, специјалниот претставник на Владата за Бугарија.
ВО КОЈА ФАЗА Е УСОГЛАСУВАЊЕТО НА АКЦИСКИОТ ПЛАН МЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ?
„Повеќе се технички детали, зашто не беше тајна дека во одговорот на бугарската страна имаше од нивна страна инсистирање да имаме пакет во кој нема да биде само планот за заедничко дејствување или акцискиот план, туку имаше обид да се најде решение и за неколкуте отворени прашања кои ние ги детектираме како политички прашања за кои ќе ни треба повеќе време и подобра атмосфера. Тоа неколкупати го говореше и нашиот премиер, го говореше и претседателот Пендаровски – долгото, краткото име, малцинството, јазичната формула и на крајот систематската борба против говорот на омраза од двете страни. Мислиме дека ова што го правиме во делот на медиумите дека ќе имаме дополнителна алатка – реемтивањето на БТВ, на МТВ, можноста на Макс ТВ да влезат уште 2 или 3 приватни бугарски телевизии, со отворањето на дописништво на МИА во Софија, а истото од 1 март се подготвува да го направи и Бугарската телеграфска агенција во Скопје и ќе се создадат предуслови во тој дел, условно кажано, медиумите под државана капа, да имаат избалансиран пристап во пренесувањето на информациите“,
смета Бучковски.
ДАЛИ И ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ВО МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИТЕ ОДНОСИ ДО ИЗБОРИТЕ ВО БУГАРИЈА?
Пред гласањето на 4 април, последните истражувања покажуваат предност на ГЕРБ на Бојко Борисов од речиси 4 процентни поени пред опозициските социјалисти. Посилна идна влада, предводена од ГЕРБ, која ќе биде поотпорна на барањата на националистичките партии, се смета за опција која дава повеќе шанси за успех во разговорите, иако ветото дојде токму од влада предводена од ГЕРБ. Но, има ли време, а и интерес, за исчекор уште пред изборите?
„Идејата што сега ја промовираше нашето МНР, а го прифати бугарското МНР со одговорот на нашиот акциски план е да имаме еден заеднички документ кој би го усвоиле на заедничката владина конференција која ние претендирамве да се одржи што е можно побрзо. Од друга страна, треба да имаме предвид дека на 5 март почнува кампањата за бугарските избори. Така што, она што го вели министерот Османи, дека 99 отсто е усогласен акцискиот план, дава надеж дека можеме во овие неколку следни седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред оние разговори за кои не крие нашиот премиер дека посакуваме да се случат во мај или јуни по промовирањето на новата бугарска влада“,
вели Бучковски.
ДАЛИ Е ЈАСНО ШТО ТОЧНО БАРА БУГАРИЈА И ВО КАКВИ ДОКУМЕНТИ?
Од бугарска страна досега се слушнаа барања за потпишување анекс на Договорот за добрососедство, за протокол кон Договорот, за вметнување на прашањето во Преговарачката рамка…, па досега, барем јавно, остана нејасно како правно би се стигнало до решение што ќе го деблокира пристапниот процес на земјава.
„Инсистираа, јавно беа давани изјавите, а ако го читате и нивниот објаснувачки меморандум, но и изјавите на претседателот Радев, тој инсистира да има посебно поглавје, како во случајот со Србија, тоа е поглавјето 35 кое постојано би го следело имплементирањето на Договорот и на крајот, зашто и тој процес е реверзибилен, секогаш да може да се навраќа ЕК. Тоа од наша страна јавно беше кажано дека е неприфатлив принцип. Ние сѐ што треба да направиме, а клучот е околу заедничката историја, но ние тоа во самиот договор сме и го оставиле на мултидисциплинарната историско-образовна комисија која мислам дека ќе има клучна улога во создавањето на амбиентот. Не да се форсираат решенија преку ноќ, туку да биде продуктивна, да отвора прашања онака како што е утврдена методологијата и во духот на европските вредности не само во обелоденување на усогласените текстови за заедничко чествување на личностите и настаните од заедничката историја, туку пред сѐ да се имплементираат во образовните учебници“,
смета Бучковски.
ИМА ЛИ НАДЕЖ ЗА ДЕБЛОКАДА НА ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ТЕКОТ НА ПОРТУГАЛСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЕУ (ДО КРАЈОТ НА ЈУНИ)?
Во македонско-грчкиот спор за името беа потребни 10 години по ветото во Букурешт за во двете земји да дојдат влади спремни за решение. Ќе може ли побрзо да се склопат коцките во македонско-бугарскиот спор, имајќи ја предвид набиената изборна агенда во двете земји оваа година?
„Ние, реално, според моите проценки, ја имаме шансата да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај, јуни. Потоа се влегува во преткампања – кај нас се локалните, но и во Бугарија има други избори, тоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември-декември. Мислам дека реално имаме шанса тоа да го направиме оваа година, или ако сакате до крајот на мојот мандат кој е до 1 декември оваа година. Реални се шансите да дојде до компромисно решение зашто сепак сме блиску до изнаоѓање формула во која и едната и другата страна, за кои можеби ќе изгледаат на прв поглед како преголема отстапка, но јас сум уверен дека Бугарија конечно ја има нашата кристално јасна порака каде не сме подготвени да попуштиме. Тоа ме храбри, нивното препознавање на она што е неспорно, дека може да биде првиот сериозен чекор кон враќањето на довербата“,
вели Бучковски.