Гинеколошко-акушерската приватна болница „Плодност“ во Битола, каде работи доктор заболен од коронавирус, ќе биде затворена во следните 14 дена, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Гинекологот е првиот потврден случај на коронавирус во Битола, а дополнително ќе се тестираат сите што биле во контакт со него.
„Во однос на приватната болница во Битола, таа ќе биде затворена според комуникацијата со нив во следните 14 дена. Сите ќе бидат пратени на домашна самоизолација, па потоа ќе се прави нова евалуација“,
рече Филипче.
Директорот на болницата, д-р Таше Трпчевски, преку видеопорака се обрати на јавноста со цел да не се шират непроверени информации.
„Д-р Христијан Трпчевски во изминатиот подолг период не го напуштил градот, по што следува заклучокот дека го добил вирусот од некој пациент, иако болницата од првиот ден на алармирањето за коронавирусот ја зголеми хигиенската постапка – постапуваше по сите принципи и наредби на Министерството за здравство. Тој направи два теста, иако клиничката слика беше слаба. Првиот тест го направи пред пет дена, а вториот пред еден ден. Првиот тест беше негативен, а вториот тест позитивен на ковид–19. Тој е во одлична здравствена состојба. Веднаш, како што носи редот, ги известивме сите надлежни институции, а најблиските на докторот се во самоизолација. Тоа се случува и со голем дел од персоналот“,
рече Трпчевски и додаде дека и тој е во самоизолација.