Доколку во вториот круг за градоначалник на Тетово влезат Билал Касами од БЕСА и Теута Арифи од ДУИ, што е извесно сценарио, битката може да се претвори во тест за владината коалиција. И ДУИ и БЕСА се дел од власта, а гласовите на СДСМ во градот може да бидат одлучувачки
Партијата БЕСА, чиј лидер Билал Касами е кандидат за градоначалник на Општина Тетово, вечерва почна да слави во градот. Собрани се голем број поддржувачи на партијата, а атмосферата се „загрева“ со огномет, зурли и тапани.
Касами вели дека водат во пресрет на вториот круг.
„Многу е тесно водството, но водиме“,
изјави Билал Касами во Тетово.
БЕСА, сепак, не е единствената партија која тврди дека има водство во Тетово. На прес-конференцијата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, објави дека тие имаат „значително водство“ во општината. Нивен кандидат е актуелната градоначалничка Теута Арифи.
На потенцијален втор круг во Тетово се надева и Алијанса за Албанците/Алтернатива. Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села на прес-конференција не го спомена Тетово како општина во која сигурно одат во втор круг, но рече дека има таква можност поради тесниот резултат.
Доколку во вториот круг за градоначалник на Тетово влезат Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од БЕСА, што е извесно сценарио, битката може да се претвори во тест за владината коалиција. И ДУИ и БЕСА се дел од власта, а гласовите на СДСМ во градот може да бидат одлучувачки.