Затворањето на „Јавна соба“, групата во која се споделуваа приватни фотографии на девојки, жени и малолетнички, е појдовна точка, но допрва треба да се работи на случајот за ваквите појави да не се случуваат, вели Ана, девојката која јавно проговори дека токму нејзина фотографија и телефонски број беа споделени во групата на Телеграм.
Во вечерашното издание на „360 степени“, Ана зборува и за тоа дека добила голема поддршка од јавноста, но и од обични луѓе кои ѝ се обратиле по објавеното сведоштво откако нејзини податоци беа злоупотребени.
„Ми значи поддршката од луѓето, ми пишаа многумина и од земјава, но и луѓе кои живеат во САД или низ европските држави. Со таа поддршка гледаме дека не сум само јас, туку на многу луѓе веќе им е доста од вакви случувања“,
вели Ана.
Во видеото што таа го сподели на нејзиниот профил на Инстаграм посочи дека случајот го пријавила во полиција, но оттаму ѝ одгвориле дека не може да ја заштитат бидејќи е полнолетна, па добила совети правдата да ја бара по приватен пат преку адвокати.
„Луѓето од МВР беа најкоректни кон мене, ми ја објаснија ситуацијата се потсетија и на минатата група каде се споделуваа фотографии од малолетни лица. Меѓутоа, сега доаѓам јас со моите 28 години, го пријавувам истото и тие ми велат дека нема закон во државава за такво нешто и дека за жал се со врзани раце и само може да ме посоветуваат на приватен план со адвокати да преземам нешто. Но, не е тоа целта што јас сакав да ја постигнам. Се обратив до државата затоа што сметам дека треба да имам заштита како граѓанин на оваа држава“,
порачува Ана.