Две Американки од Флорида се маскирале во возрасни жени, со цел преку ред да се вакцинираат за ковид-19. Како што соопшти Канцеларијата за јавно здравје на Округот Оринџ на Флорида, жените биле на возраст од 44 и 34 години.
На местото за вакцинација биле облечени со капи, ракавици, очила и визири во обид да ја добијат и втората доза од вакцината, во приоритетната група за лица повозрасни од 65 години.
„Знаете дека ја украдовте вакцината од некој кому му е потребна повеќе од вас?“,
им вели полицаецот на жените на видеоснимката што се прошири по социјалните мрежи.
Директорот на Канцеларијата за јавно здравје во Округот Оринџ, д-р Раул Пино, на прес-конференција рече дека двете жени имаат потврда дека ја примиле првата доза на вакцината. Но пред да ја добијат втората доза, здравствените работници на местото на вакцинација се посомневале во исправноста на нивните лични документи.
Полицијата во Округот Оринџ потврди за Си-ен-ен дека здравствените власти ги повикале да издадат предупредување за жените чии датуми на раѓање од личните документи не се совпаѓаат со оние што ги користеле за да се регистрираат за вакцинација.