Маричиќ не ја отфрла можноста за создавање предизборна коалиција во која би влегле партиите од сегашното мнозинство и други партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица од релевантните. Тоа е на линија на пораката на Ахмети од предновогодишниот прием на ДУИ дека треба да се размисли за создавање фронт за европска Македонија
Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, ја отфрли идејата за влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, по избори што би се одржале оваа пролет, а беше позитивен за можноста за креирање предизборна коалиција во која би влегле сите релевантни партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и која би настапила со заеднички листи за пратеници на избори во 2024 година.
За опцијата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички да ја формираат следната влада по избори напролет (за што, според „Плус инфо“, Заев зборувал пред дел од сопартијците), Маричиќ рече дека не слушнал ниту од Заев директно ниту од партијата дека има такви идеи. Прашан што мисли лично тој за таквата идеја, вицепремиерот одговори:
„Мислам дека тоа е нефункционална и непрактична идеја, којашто не е втемелена ниту на вредности, ниту, пак, е изводлива во пракса“.
Спротивно од ова, Маричиќ не ја отфрли можноста за создавање предизборна коалиција во која би влегле партиите од сегашното мнозинство и други партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица од релевантните.
Според вицепремиерот, секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на бариерите на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли.
„Мислам дека сите овие идеи што имплицираат окрупнување на фронтот за европска Македонија и на фронтот што треба да ги носи промените, а фронтот треба да биде отворен за сите оние што искрено веруваат во европска иднина на Северна Македонија, треба да го оставиме како тема на размислување и концепт на размислување“,
кажа Маричиќ.
Овој став на Маричиќ беше даден во контекст на пораката од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испратена од предновогодишниот прием на партијата, во која повикува на креирање таков сојуз.
„Да размислиме повеќе за создавање фронт за европска Македонија, да не се делиме на Албанци и Македонци, туку да се охрабриме и да го тргнеме стравот едни од други. Овој фронт мора да се изгради и јас и вие заедно го имаме моралното и националното право тоа да го направиме за политичките партии, затоа што Македонија мора да биде европска бидејќи историски и територијално ѝ припаѓа на Европа“,
порача Ахмети на приемот на ДУИ на 22 декември 2022 г.