Пред три недели Комисијата за заразни болести предложи сите вработени во јавниот сектор да бидат обврзани да прават ковид-19 тестови на 72 часа, да имаат доказ за прележан ковид не постар од 45 дена или да се вакцинираат.
„Верувам дека оваа мерка ќе го зголеми опфатот со вакцинација и ќе се намали бројот на заболени од ковид, во овој момент тие пациенти ги преоптоваруваат болниците, а невакцинираните се близу 80 проценти од вкупниот број ковид-пациенти“,
изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
По гласната реакција од синдикатите, владата не го прифати предлогот на Комисијата и побара нови ревидирани мерки. А додека тие да стигнат, владата им наложи на надлежните министерства и инспекциски служби да ги зајакнат контролите за спроведување на актуелните мерки. „360 степени“ истражуваше – дали нешто се смени на терен?
Сакате да одите во кафуле, во ресторан или во трговски центар? Според актуелните ковид-19 правила, тоа не е забрането – но, под еден услов. Мора да поседувате валиден сертификат за примени две дози вакцина и да го приложите на увид.
За системот да функционира, сепак, не е доволно граѓаните да го имаат сертификатот, туку и угостителските и трговските објекти да вршат проверки. Па, „360 степени“ одлучи да направи тест – колку навистина се почитуваат мерките.
За да ја „зачиниме“ проверката, а во интерес на приказната, направивме фотошоп-корекции на мојот личен дигитален сертификат – ставивме лажен идентитет и датум на раѓање и тргнавме во акција.
Првото место за проверка ни беше во главниот град – кафуле во скопската населба Аеродром. Утринското сонце не примами да седнеме на летната тераса на објектот. Набрзо стигна и кафето.
Кафето се испи, побаравме и сметка, но никој не ни побара ковид-сертификат.
– 60 денари.
– Не барате ковид сертификати?
– Бараме ама…
– Не дека немам ама..
– Тие што немаат кажуваат сами.
– На проценка одите?..
беше дел од разговорот со девојката која не послужи.
Од Аеродром, решивме да видиме како е во Центар, општината во која се седиштата на Владата, Собранието и најголемиот дел од министерствата и инспекциските служби.
– Да не треба ковид сертификат?
– Имаш ковид сертификат?
– Имам.
– Готово.
– Бидејќи не прашавте.
– Брат, глупо ми е да ги прашувам, бидејќи сите имаат навика, кој нема сертификат не доаѓа во кафана. Ме сфаќаш?
ни одговори келнерот во кафеана.
Две кафиња беа доста, па продолживме на шопинг и тоа во два познати трговски центри во главниот град. За разлика од угостителските објекти, во трговските центри ни побараа сертификат уште при влезот. Им го покажавме фалсификуваниот сертификат. Успеавме да влеземе без никаков проблем. Обезбедувањето бара сертификат, но не проверува ништо дополнително. Следниот ден бевме во проверка надвор од Скопје. Го избравме Гостивар.
И во Гостивар не ни бараа ковид сертификат во кафуле. Следната локација ни беше бурекџилница во центарот на градот. За изненадување, тоа беше единственото место каде ни го побараа. Во бурекџилницата доаѓа инспекција, но, се чини, не и во еден од трговските центри во градот. За разлика од Скопје, тука воопшто немаше ни редари кои барем про-форма би побарале сертификат.
Зајакнатата контрола за проверка на сертификатите за вакцинација, Владата им ја наложи на институциите на 25 ноември. Па од Илинденска 2 побаравме информација за бројот на контроли и казни пред и по тој датум. Бидејќи 25 ноември беше среде недела, во четврток, добивме бројки за неделата од 15-21 ноември и за неделата од 22-28 ноември.
Тие покажуваат дека од 15 до 21 ноември, односно неделата пред да се препорача построга контрола, службите на повеќе инспекторати извршиле вкупно 2 255 надзори и контроли ,а изрекле 292 мерки. Во неделата, пак, кога беше наложена построга контрола, од 22 до 28 ноември, извршени се 1 983 надзори и контроли и изречена е 151 мерка. Или, во неделата кога владата побарала построга контрола, всушност, има помалку контроли и помалку казни.
И покрај нашите барања за интервју со претставник од владата или од инспекцискиот совет, таква можност не добивме. Па ни остана само писмено да прашаме за она што самите го видовме – кој е одговорен за тоа што на терен ретко се бара сертификат, а и онаму каде се бара не се проверува валидноста.
„Проверка за прележан ковид-19 ја врши редарска служба ангажирана од страна на правниот субјект. Притоа, ангажираните редари вработени во лиценцираните агенции за обезбедување имаат овластување за легитимирање, а доколку вработените се посомневаат во можна злоупотреба на сертификато, можат да повикаат инспектори, кои во содејство со полициски службеници ќе извршат контрола на лице место. Користењето фалсификуван сертификат претставува кривично дело“,
се вели во одговорот од Владата.
Овластувања и правила има, но како што покажа нашиот блиц-тест, тие никаде не се целосно во функција. Всушност, во најголем број од случаите и воопшто не се применуваат – како надвор од главниот град така и на стотина метри од владиното седиште. На крај, се се сведува на совеста на граѓаните.