Јуриј Ивашенко, менаџер на семејна фарма од 1 500 хектари во Авдивка на околу 45 километри од руската граница, го поправа тоа што останало од неговите објекти и механизација. Ни покажа снимки од уништени хангари и механизација од пред две недели, по напад од руски дронови. Штетата ја проценува на околу 100 000 долари. Ова е втор напад со дронови врз фармата, по првиот во април. Цел се и други земјоделци во областа
Проценките се дека Украина ќе произведе околу 60 милиони тони житни култури меѓу јули 2025 и јули 2026 година. Со тоа земјата, и покрај војната, е во самиот врв на европските производители на жито. Но, бидејќи помагаат за полнење на украинскиот буџет, а со тоа и зајаканување на одбраната, полињата и земјоделската инфраструктура се мета на руските напади
Кафулињата работат, кафеаните исто така, се гледа светското првенство во фудбал. Вака изгледа Киев во овој период од годината преку ден.

Но, штом падне ноќта, доаѓа потсетувањето дека Украина е длабоко влезена во петтата година од руската агресија – сирени како предупредување за можен воздушен напад.
И навистина се случи. Длабоко во ноќта небото над Киев се осветли, а тишината ја замени вознемирувачка бучава. Русија го изврши најстраотниот напад во последните месеци.
Жртва беше едно од најважните места во православието, заштитено од УНЕСКО, Киевско-Печерска лавра.„Искандер“, „Циркон“, „Шахед“ се имиња на средства за уништување. Десетици од нив успеаја да ја поминат украинската противвоздушна одбрана.

„Руската црква раскажува колку тие се грижат за светилиштата и колку се грижат и се загрижени за својата црква кај нас во Украина. Ова е варварство кое не може да се премолчи“,
вели г. Аврам, епископ на Украинската православна црква.
Над делови од Киев сè уште се креваше чад додека преку источната артерија излегувавме од градот. Се упативме кон областа Чернихив, еден од бројните региони што ја сочинуваат т.н. украинска житница. Дека овој правец по кој во 2022 поминаа дел од руските тенковски колони во обид да го заземат Киев, се уште се смета за потенцијално ранлив, потврдуваат бројните контролни пунктови.

Нè пропуштија. По вкупно три и пол часа возење од Киев, дојдовме до селото Авдивка. Целта беше да видиме зошто и овој регион е цел на руски напади.
Русија се наоѓа отприлика 45 километри од тука. Овој коридор, во областа Чернихив се нарекува уште и како патот на дроновите зашто по него се движат најмногу дронови кои удираат во Киев. Но, не секогаш завршуваат во главниот град на Украина. Дел од нив гаѓаат и мети во оваа област. Зошто е тоа така. Тоа е поради она што се наоѓаше зад мене – мноштвото полиња што придонесуваат за околу 60 милиони тони житни култури колку што се очекува Украина да произведе од јули 2025 до јули 2026 година. Со тоа земјата, и покрај војната, е во самиот врв на европските производители на жито. Но, бидејќи помагаат за полнење на украинскиот буџет, а со тоа и зајаканување на одбраната, полињата и земјоделската инфраструктура се мета на руските напади.

Јуриј Ивашенко, менаџер на семејната фарма од 1500 хектари во Авдивка, ни даде снимки направени на почетокот на јуни. Хангарите во кои била дел од механизацијата, вредна околу 100 000 долари, се уништени. Две седмици подоцна се санираа штетите. Ова е втор напад со дронови врз фармата – првиот бил во април.
„Тоа беше во 17:00 часот, работниот ден завршуваше, на територијата имаше работници. Секој си бркаше своја работа: некој со поправки, некој со градба. Сите беа зафатени. И одеднаш се случува напад, погодок. Тие што беа надвор, слушнаа, реагираа, втрчаа внатре: „Дечки, спасувајте се!“. Но додека разберат што се случува, веќе се случи експлозијата“,
вели Јуриј Ивашенко – менаџер на фарма.

Нема дилеми дека нападите биле осмислени и дел од поширока стратегија, а не инциденти. Од петте големи фарми во овој крај, погодени се четири.
„Денес дечките реагираат кога има воздушна опасност, реагираат на неа и ја користат апликацијата „Флигер“, која покажува во која зона лета „Шахед“ и може да се реагира на тоа. Немаме каде да се скриеме. Односно, никој не е осигуран од ова и не можеш да се сокриеш точно во тој момент. Затоа што нашата работа постојано е поврзана со отворен простор. Не можеме да седиме во засолниште и таму нешто да работиме, нели? Кај нас постојано се одвиваат или полски работи, или на територијата стои техника. Не можеме да се сокриеме. Засега ќе продолжиме да работиме“,
вели Ивашенко.
Најголемиот дел од житото ожнеано во Чернихив се транспортира кон Одеса каде се претовара на бродови и преку Црното Море се транспортита низ светот. Фактот дека во последниот период зачестија воздушните напади врз Одеса и пристаништето, зборува за засилениот руски притисок врз целиот ланец на снабдување.
Во пограничната Авдивка, покрај полињата и фармите, страда и друга цивилна инфраструктура. Основното училиште во кое одат околу двесте деца, во март било погоден од два дрона.

Наставата продолжила онлајн, а училиштето се реновира. Се надеваат дека работата ќе заврши до почетокот на новата учебна година.
„Сакаме, дури и ако не почне наставата на 1 септември, барем засолништето таму треба малку да се дотера, така да се каже. Затоа што засолништето е сосема недопрено. А училиштето, да, настрада. Овој дел најмногу, а таму… па, таму не толку многу“,
вели Олена Ханчарова од секторот за образование во областа Понорница.
„Почнувајќи од 2022 година, во нашата општина настрадаа 25 станбени објекти. Тоа не е само во Авдивка, ако го земеме ова село каде што сега се наоѓа училишниот кампус, тоа се 9 станбени објекти, а исто така и во други четири населени места. Луѓето… па како што разбирате, тие се плашат, почнаа да се плашат од тревогата, нормално дека се грижат, затоа што при секој лет на дроновите, луѓето веќе се исплашени“,
рече Алена Супрон – секретарка на општинскиот совет на Понорница.
Роман Авраменко од „Реконинг проектот“ ги документира руските напади врз украинските земјоделци, нивната механизација и посевите. Досега се регистрирани 300 директни напади.
Авраменко: Хипотезата што ја развиваме и истражуваме е дека Русија користи терористички средства против земјоделците за да ги натера да ја напуштат својата земја, своите посеви и едноставно да ја напуштат областа. И за таа цел, тие започнаа систематски напади врз луѓето кои работат на нивите, врз машините, врз комбајните, врз хангарите, силосите за жито и сè што овозможува Украина да произведува и испраќа во странство огромни количини жито.
360°: Откако ќе го завршите истражувањето, што планирате со наодите?
Авраменко: Нашата цел е ЕУ и другите земји, првенствено во Европа, да воведат конкретни регулативи во нивното законодавство што ќе овозможат користење на руските суверени средства за надомест на штетата што Русија им ја нанесува на украинските земјоделци.

Проценките на украинските власти се дека руската стратегија на напади на фарми и земјоделска инфраструктура досега ја чинела земјата околу 11 милијарди долари или околу два годишни македонски државни буџети. Нападите, особено врз Одеса, сериозно го намалуваат нашиот извоз, вели заменик-министерот за економија Тарас Висоцки.
Висоцки: Исто така, мораме да запомниме дека досега околу 20% од земјоделското земјиште е под привремена окупација, па тие не се достапни, земјата не добива жетва од нив. И тоа е индиректна загуба, но сепак е загуба. Кога го гледаме овој блок на индиректни трошоци во овие повеќе од четири години војна, пресметано е дополнителни околу 10 милијарди годишно, значи речиси 50 милијарди индиректни загуби од овие привремено окупирани територии и друго.
360°: Ја спомнавте земјата во окупираните територии. Како Украина како држава се обидува да му објасни на светот дека житото што доаѓа од таму, во суштина е одземено од украинската држава, од украинските земјоделци и е продадено под различни знамиња од страна на окупаторските сили? Бидејќи видовме некои случаи каде бродски контејнери беа вратени назад бидејќи беше потврдено дека тоа не е руско жито, туку е украинско жито од регионот на Донбас.
Висоцки: Секогаш кога ќе идентификуваме случај на трговија со украдено жито и ќе ја видиме дестинацијата, официјално почнуваме да разговараме со таа земја веднаш штом ќе ја направиме идентификацијата – дека тоа не е прифатливо и дека станува збор за пратки со украдено жито. Досега гледаме дека повеќето земји заземаат фер позиција и не го купуваат. Сега гледаме дека најголемиот дел од ова жито сè уште се користи во Русија или се преработува таму. Но, сепак некои земји можат да го купат и не обрнуваат внимание на нашите меѓународни позиции. Позитивната работа е што се само неколку.

Се расчисти чадот од последните напади врз Киев. Забележлива е тенденцијата центарот на градот се почесто да биде цел на руските напади од воздух. Пред неколку седмици погоден е музејот на Чернобил. Во истиот период настрада и овој трговски центар. А ова е резултатот од нападот неделава во кој дрон ја погоди централната црква во Киевско-Печерската лавра.
„Крстот што го гледате е крстот кој, можеби, ги спаси спасувачите и тимот кој работеше во рамките на Успенскиот собор. Бидејќи тоа е крстот кој го прими првиот удар од вториот руски дрон. И можеби, закачувајќи се за него, дронот ја промени траекторијата и не ги погоди спасувачите кои во тоа време се наоѓаа тука“,
смета Максим Остапенко – директор на националниот завод „Киевско-Печевска лавра“.
Само неколку дена по нападот врз црковниот комплекс, санацијата почна. На кровот се забалежуваат работници, градежен материјал. Проценките се дека процесот ќе трае две години. Очекувањата се дека до тогаш ќе заврши руската агресија врз Украина.
