Во 3 часот по полноќ почнува зимското сметање на времето, со поместување на стрелките на часовникот еден час наназад. Тоа значи дека од 3, стрелките ќе се поместат на 2 часот.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летно сметање на времето.
Одлуката за промена на времето, како што соопштија од Министерството за економија, е во согласност со европската пракса.
„Донесувањето на оваа одлука придонесува кон следење на долгорочната економска политика на Република Северна Македонија за асоцирање кон Европската Унија, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори не само за транспорт и врски туку и други сектори од индустријата кои бараат стабилно и долгорочно планирање“,
соопштија од Министерството за економија.
Исто така, додаваат и дека со ова се води сметка за непречено функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар, олеснување на транспортот и комуникациите и географската положба, намалување на стопанските и нестопанските влијанија, а посебно врз користењето на електричната енергија, здравјето на човекот, работната способност, начинот на живеењето, земјоделството, заштитата на животната средина, безбедност во сообраќајот, туризмот и индустријата.
Изминатите години имаше иницијативи за прекин на праксата за промена на времето, но досега тоа не се случи.
Во 2018 година Европската комисија ги праша граѓаните на ЕУ што мислат на оваа тема, а резултатот од онлјан анкетата покажа дека 83 отсто од граѓаните на ЕУ се изјаснија за укинување на промената од зимско во летно сметање на времето. Учесниците во анкетата како причина за својот став да се укине промената на сметањето на времето наведуваа дека тоа им предизвикува здравствени проблеми.
Европскиот парламент за тоа гласаше во 2019 година, а одлуката требаше да биде спроведена во 2021 година. Оттогаш работите речиси мируваат.