Во Софија денеска се извршени серија хакерски напади врз веб-страниците на бугарската Влада и министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Како што јави дописникот на МИА од Софија, одговорноста за нападот ја презеде руската група „We are killnet“.
Нападот првично почнал со напад кон сајтот на претседателството, а владините се отвораа, иако побавно од вообичаено. Тие имаат заштита од ваков тип на напади. Заштитата беше воведена во 2015 година откако руски хакери ги погодија веб-страниците на ЦИК, Министерството за внатрешни работи и други институции за време на локалните избори.
Бугарскиот Главен обвинител, Иван Гешев, соопшти дека нападите врз бугарските институции дошле од рускиот град Магнитогорск, воедно кажа дека проблемот е сериозен но и очекуван.
„Цел на нападот не е претседателството, туку бугарската држава“,
вели главниот обвинител Иван Гешев.
Истата група хакери преземаа одговорност за нападите на страните на литвански државни и приватни институции на крајот на јуни годинава. Тогаш, тие соопштија дека нападите се одмазда за одлуката на Литванија да го забрани транспортот на руска стока преку нејзината територија до руската ексклава Калининград.