Во пресрет на отпочнувањето на скринингот што започна вчера, од ЕК оценија дека ова е значаен чекор во преговорите и оти следните месеци ќе има „интензивна работна програма“ за сите страни
Откако вчера во Брисел започна скрининг процесот за усогласување на законодавството на Северна Македонија со тоа на ЕУ, денеска тој продолжува, но во Луксембург.
Во оваа фаза од скринингот, од 15 до 27 септември, се одржуваат состаноци за областите и поглавјата од кластерот Фундаментални права и на нив Европската комисија го презентира нивното законодавство за овие области. Сите овие состаноци се предвидени да се одржуваат во Брисел, освен денешниот кој е за поглавјето Статистика.
Откако до 27 месецов ќе заврши објаснувачкиот дел од скринингот за првиот кластер од преговорите со ЕУ, во периодот од 11 ноември до 9 декември годинава ќе се одвива билатерален скрининг односно процес во кој Северна Македонија ќе го презентира степенот на усогласеност со законодавството на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на законите. Македонскиот тим пред претставниците на ЕК во тој период ќе ги претстават и плановите за понатамошно усогласување и за градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ-ресурси за спроведување на европските стандарди.
Потоа Европската комисија ќе треба да подготви извештај кој ќе содржи наоди и оценка на ЕК за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки.
Во пресрет на отпочнувањето на скринингот што започна вчера, од ЕК оценија дека ова е значаен чекор во преговорите и оти следните месеци ќе има „интензивна работна програма“ за сите страни.
„Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји“,
изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој е и главен преговарач за Северна Македонија, пак, во воведното обраќање на вчерашниот почеток на скринингот нагласи дека скринингот значи оти земјава навлегува во подлабок процес на реформи кои ќе придонесат за европеизација на општеството.
Како што оцени Маричиќ во воведното обраќање, Северна Македонија има основа да оди со добро темпо напред и во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје, со максимална посветеност и оптимизам да се исполни стратегиската цел за полноправно членство во ЕУ.
„Македонскиот тим, тука во Брисел, а и колегите кои не следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од кластерот ’Темели‘“,
посочи вицепремиерот.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, се огласи од Скопје оценувајќи дека вчерашниот ден на почеток на скринингот е голем и важен за иднината на сите граѓани и на македонскиот тим му посака успешна работа.