Меѓу првите уредби со законска сила кои денеска ги донесе Владата е одлуката за продолжување на важноста на личните документи до крајот на вонредната состојба, информираше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во вечерашното гостување на „Канал 5“.
Одлуката се однесува на личните карти, пасошите, возачките дозволи и дозволите за престој на странци.
„Како МВР ние поднесовме неколку уредби со законска сила кои веќе се усвоени. Со нив се продолжува важноста на личните документи до крајот на вонредната состојба. Се продолжуваат и испитните рокови за полагање на возачки испити, а донесена беше и одлука за продолжување на важноста на дозволите за престој на странските граѓани во земјава. Значи сите оние кои имаат извадено документи со ограничени рокови, тие рокови ќе бидат продолжени до крајот на вонредната состојба“,
изјави Чулев.
Со одлука на Владата привремено е суспендиран и Законот за јавни собири, со што се забрануваат и протестите.