Бугарскиот политолог Николај Василев смета дека неговата држава треба од корен да ја смени политиката кон Македонија.
Според него, „македонската политика“ на Бугарија крахирала и доживеала неуспех, бидејќи и покрај јасната поддршка при создавањето на независна и суверена Македонија, властите во изминатите триесет години не успеале да ги доближат двете земји и да ја унапредат соработката.
„Причина за тоа, особено последните години се историчарите. Сите тие сите беа агенти на тајната бугарска полиција. Тие сега во медиумите ја фалсификуваат сликата за тоа што се случува во Македонија“,
вели Василев за Бугарското национално радио.
Политиката на Софија кон Скопје мора да се смени бидејќи многу работи се пропуштени, и вековните несогласувања, не може за толку кратко време да ги реши една историска комисија.
„Нема да се случи тоа што го сакаат бугарски националисти, некој одеднаш да каже, историјата била, таква, таква и таква. Тоа е процес кој треба да е многу посеопфатен“,
коментира Василев.
Политикологот Николај Василев му бил советник на екс-потпретседателот на Бугарија, Тодор Кавалџиев и на поранешниот бугарски министер за одбрана, Николај Ненчев. Автор е на книгите „Триумфите и поразите на бугарската дипломатија” и „Битката за Бугарија”.
