Во однос на уставните измени, Васало рече дека опозицијата во одреден момент ќе треба да преземе одговорност доколку сака да ја види земјава како го продолжува својот пат. Тој рече дека промената на Уставот е суверена одлука на оваа држава и оти Северна Македонија презеде обврска кон Бугарија да ги вметне Бугарите заедно со другите заедници во Уставот
Не би шпекулирал со датуми за тоа кога Северна Македонија ќе стане дел од Европската Унија, тоа ќе зависи од степенот на реформите и подготвеноста на капацитетите, но 2030 година може да биде реалност доколку постои политичка волја, истакна на денешниот брифинг со новинарите заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало.
Во однос на уставните измени, Васало рече дека опозицијата во одреден момент ќе треба да преземе одговорност, доколку сака да ја види земјава како го продолжува својот пат. Тој рече дека промената на Уставот е суверена одлука на оваа држава и оти Северна Македонија презеде обврска кон Бугарија да ги вметне Бугарите заедно со другите заедници во Уставот.
Васало оценува дека Македонија веќе има добро досие за преземање грижа за останатите заедници и според него правниот ефект на промена на Уставот ќе биде ограничен, бидејќи, како што кажа, земјава веќе работи добра работа на ова поле.
Тој рече дека Делегацијата на ЕУ и тој самиот се во постојан контакт со опозицијата.
Васало денеска на брифинг со новинарите го презентираше скрининг процесот за усогласеноста на земјава со законодавството на ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски неодамна посочи дека согласно темпото со кое се работи, реални се очекувањата Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година. Тој нагласи дека во изминатите години се работело за усогласување на нашето законодавство со она на Унијата.
„Во моментов имаме 45 отсто усогласено законодавство со ЕУ. Веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од Владата, имаме назначено главен преговарач. Вклучени се во преговорите и академската заедница и невладиниот сектор. Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030 година, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ“,
рече Ковачевски.
В четврток во Прага, со учество на 44 држави, ќе се одржи првиот Самит на Европската политичка заедница. Станува збор за иницијатива која во мај годинава ја промовираше францускиот претседател Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет. Има многу нејаснотии поврзани со оваа иницијатива – од тоа дали воопшто ќе се вика „заедница“, до тоа дали треба да биде друштво на држави кои не успеале да влезат во ЕУ. Се чини дека стравувањата се најголеми токму на Западниот Балкан чии земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, природно се сметаат за први на листата потенцијални членки на Унијата.
Франција уверува дека нема простор за паника, особено зашто Северна Македонија веќе длабоко е навлезена во процесот на пристапување и преговарање со ЕУ. Официјално Скопје најавува дека во Прага регионот ќе настапи координирано барајќи помош од Унијата за справување со последиците од енергетската криза.