Зборувајќи за руски активности кои целат на поткопување на ситуацијата во Северна Македонија, Ковачевски посочи дека освен Левица, го загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и вели дека овие партии се против стратешките интереси на државата. Од ВМРО-ДПМНЕ во писмена реакција на интервјуто на премиерот, посочуваат дека се за заштита на државните интереси, а против предавствата на, како што велат, дезертерот Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Гласот на Америка“, кажа дека согласно темпото со кое се работи, реални се очекувањата Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година. Тој тврди дека во изминатите години се работело за усогласување на нашето законодавство со она на Унијата.
„Во моментов имаме 45% усогласено законодавство со ЕУ. Веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од Владата, имаме назначено главен преговарач. Вклучени се во преговорите и академската заедница и невладиниот сектор. Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ“,
вели Ковачевски.
Премиерот повторно најавува дека нè очекува ужасна зима и дека покрај зголеменото домашно производство, се прават обиди да се обезбеди струја и преку директни договори со други држави.
Зборувајќи за руски активности кои целат на поткопување на ситуацијата во Северна Македонија, Ковачевски посочи дека освен Левица, го загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека овие партии се противат на членството во НАТО и во ЕУ.
„Најконкретно, е партијата Левица, за кои гледате дека имаат отворена соработка со партии од Русија, меѓутоа мене ме загрижува и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое секогаш се противи на стратешките интереси на државата. Тие беа против Преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, а сега беа против предлогот на Европскиот совет, преговарачката рамка и отпочнување на преговорите со ЕУ, за подоцна да се затскријат зад македонските граѓани, почнаа една против-уставна иницијатива за референдум, и ја поддржуваат иницијативата која ја промовира Левица, која се однесува на стопирање на државата на патот кон ЕУ. Сметам дека тоа е апсолутно погрешно и спротивно на стратешките интереси на државата и за што граѓаните пред 31 година го одлучиле со создавањето на своја независна и суверена држава“,
рече Ковачевски во интервјуто за Гласот на Америка.

Од ВМРО-ДПМНЕ со писмена реакција на интервјуто посочуваат дека се за заштита на државните интереси, а против предавствата на, како што велат, дезертерот Ковачевски.
„Дезертерот Ковачевски не треба да манипулира со јавноста. ВМРО-ДПМНЕ е за заштита на државните интереси, а против предавствата на дезертерот Ковачевски и неговиот ментор Заев. Ковачевски има проблем со поимањето што е државен интерес. Не е државен интерес да смениш име, да потпишеш капитулација со Бугарија, а тоа да го преставуваш за врвен дострел. Но државен интерес е да ја внесе државата во ЕУ со заштитен идентитет, да има нормални односи со соседите, да се промовира македонскиот идентитет, работи кои не ги прави дезертерот Ковачевски. Дезертерот Ковачевски треба да се фокусира кон економијата која пропаѓа, кризата со струја која се продлабочува и да се заштити народот од инфлацијата која галопира. Тоа треба да го прави дезертерот Ковачевски. Впрочем што друго се очекува од човекот кој лажел и се пишал за неспособен само да не оди во војска“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.