Еврокомесарот најави дека од Охрид, каде учествуваше на самитот „Отворен Балкан“, веднаш ќе замине за Софија и порача дека ќе се работи на изнаоѓање решение сè додека постои и најмала шанса
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во гостувањето во дневникот на ТВ Сител порача дека Северна Македонија овој јуни мора да успее на патот кон ЕУ.
На прашањето дали земјава и Албанија можат да се раздвојат на европскиот пат по јунскиот самит и што ако тоа навистина се случи, тој одговори:
„Работиме на тоа Северна Македонија да успее во јуни и мораме да успееме“.
За тоа какви се шансите за земјава на претстојниот Самит на ЕУ со оглед дека има само две недели до неговото одржување, Вархеји рече дека се работи за изнаоѓање решение и најави дека од Охрид, каде учествуваше на Самитот „Отворен Балкан“ ќе замине веднаш за Софија.
„Не сум по обложувањето, туку сум по работењето. Сè додека постои најмала шанса, ќе продолжам да работам. Од тука заминувам веднаш во Софија и ќе продолжам да работам за решение во јуни“,
вели еврокомесарот.
За неговите претходни посети на Бугарија тој кажа дека пораките што ги добил таму не биле ништо ново односно се зборувало за истите теми и се труделе да најдат различни опции за одблокирање на процесите.
Тој зборуваше и за изјавите кои доаѓаат од Франција односно за најавите од францускиот претседател Емануел Макрон дека постои можност за договор помеѓу Скопје и Софија, но не сакаше да прецизира што би содржело евентуалното решение бидејќи, вели, прерано е да се каже.
„Работиме многу блиску со француското претседателство. Во оваа фаза би било прерано да се каже. Но, да ви го кажам следното: Нема да оставиме непревртен ниту еден камен за да го завршиме ова. Француското претседателство е исклучително посветено. Гледате дека претседателот Макрон е лично ангажиран во сето ова. Мислам дека сите сакаат резултат, резултат кој е прифатлив за двете земји и со кој би можеле да продолжиме понатаму и конечно да ја одржиме првата меѓувладина конференција и да продолжиме со пристапниот процес на Северна Македонија“,
рече Вархеји.