„Скрининг процесот што го почнуваме денеска е првиот чекор што го правиме. Процесот што го почнуваме денеска се темели на добрата работа што ја завршивме досега. За ова се подготвувате со години и можам да кажам дека ќе бидеме со вас и дека ќе ја понудиме секоја помош што ќе ви треба“, рече Вархеји
Денеска е важен момент за сите и влегуваме во нови односи. Не сакаме да губиме веќе ни еден момент и веднаш почнуваме со „акито“, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на воведниот состанок во Брисел со кој беше означен почетокот на скрининг процесот со Албанија и Северна Македонија.
„Скрининг процесот што го почнуваме денеска е првиот чекор што го правиме. Процесот што го почнуваме денеска се темели на добрата работа што ја завршивме досега. За ова се подготвувате со години и можам да кажам дека ќе бидеме со вас и дека ќе ја понудиме секоја помош што ќе ви треба“,
рече Вархеји.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на македонски јазик во седиштето на ЕУ истакна дека важни биле помошта и поддршката на еврокомесарот Вархеји.
„Патувањето што заеднички го почнуваме денеска нема да биде лесно, но знаеме дека нема да бидеме сами на тој пат. Сметаме на Европската комисија и да имаме дополнителна помош преку европските фондови. Ова е момент кој го чекаме веќе две децении, 21 година по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години по добивањето кандидатски статус заслужено сме денеска тука. Никогаш не отстапивме од транспонирање на европското законодавство“,
рече Маричиќ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи го оцени денешниот ден како историски кој „долго го очекуваме“ и, како што рече, „во неколку владини состави работевме напорно за да се оствари“.
„Патот до тука не беше ни малку лесен, но нема да се враќаме на минатото. Нашиот поглед е свртен кон иднината и обврските кои треба да ги исполниме. Од нас ќе зависи да ги мобилизираме нашите ресурси за што побрзо да дојдеме до европското семејство кон кое цивилизациски припаѓаме. Вашата поддршка и драгоцени упатства од сега ќе бидат уште попотребни. Ве уверувам дека нашиот тим е подготвен да ги исполни сите поглавјата,“
рече Османи.