„Патот дотука не беше нималку лесен, но денес нема да се навраќаме на минатото, туку нашиот поглед е свртен кон иднината и задачите кои треба да ги исполниме за време на преговарачкиот процес“, рече Османи
21 година по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години како земја-кандидат за ЕУ, со денешниот состанок за отпочнување со скрининг процесот, конечно влегуваме во последната фаза од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој заедно со министерот за надоворешни работи, Бујар Османи, присуствуваа на состанокот со кој започна европскиот скрининг на С Македонија.
„Како вицепремиер за европски прашања заедно со мојата институција, Секретаријатот за европски прашања, како главно координативно тело за преговарачкиот процес во Северна Македонија, ќе ги насочиме нашите напори во обезбедување непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти преку мобилизација на администрацијата бидејќи таа се смета за столб на овој процес. Во наредните недели ќе ја финализираме ревизијата на актите за преговарачката структура од 2018 година и ќе ја операционализираме. Почетокот на скринингот, патувањето што денес заеднички го започнуваме со Република Албанија, нема да биде лесно. Пристапниот процес бара целосен ангажман, но знаеме дека нема да бидеме сами на овој пат. Сметаме на поддршката од Комисијата и нејзините служби како наши партнери кои ќе дадат насоки и совети во процесот, а ние ќе ги направиме сите напори да обезбедиме непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти“,
рече Маричиќ.
Османи, пак, рече дека ја започнуваме финалната фаза за остварување на првенствениот надворешно-политички приоритет на нашата држава – полноправно членство во Европската Унија.
„Патот дотука не беше нималку лесен, но денес нема да се навраќаме на минатото, туку нашиот поглед е свртен кон иднината и задачите кои треба да ги исполниме за време на преговарачкиот процес. Конечно, од стартната позиција ја почнуваме трката и отсега ќе зависи од нашите сили и способности, да ги мобилизираме сите наши човечки ресурси и посветено да работиме додека не ги исполниме потребните услови за влез во европското семејство во кое цивилизациски, вредносно и културно припаѓаме“,
рече Османи.
Инаку, процесот на Скрининг што денес започна, е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него. Скринингот треба да ги запознае земјите кандидати со правното наследство на Европската Унија и на тој начин да ги подготви за преговорите. Со него треба да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.
На состанокот за билатералниот скрининг присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.