Европската Унија подготвува економски план за развој на земјите од Западен Балкан, кој ќе биде претставен на Самитот ЕУ-Западен Балкан што треба да се одржи во Загреб во мај, соопшти еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Економскиот план е еден од трите чекори што ги презема Европската комисија во рамки на реформата на преговарачкиот процес, а треба да помогнат за ефикасна трансформација на општествата во земјите од регионот и да обезбедат конкретни резултати.
Другите два чекора, покрај економскиот план, се однесуваат на измената на методологијата за проширување на ЕУ и отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Вархеји, во пишан одговор на прашање од словенечката европратеничка Ирена Јовева за европерспективите на регионот, вели дека ЕК усвои нова стратегија за проширување што ги опфаќа земјите од Западен Балкан со цел да се даде нов импулс во тој процес правејќи го кредибилен, динамичен и предвидлив и давајќи му силен политички поттик. Тоа, вели Вархеји, доведе до позитивна одлука за старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.
„Поддршката на земјите од Западен Балкан во исполнувањето на условите за членство во ЕУ останува приоритет на ЕК. Работиме на тоа да ги подобриме расположливите алатки за поддршка на тој процес. Конечно, напредокот на европскиот пат зависи од способноста на секоја земја кандидат да ги спроведе реформите и да покаже резултати со кои ќе докаже дека се исполнети условите кои и се поставени“,
истакнува еврокомесарот Оливер Вархеји.