Еврокомесарот за проширување минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ
Неговата посета следи по вчерашната на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, која посочи дека ЕУ има многу добри идеи во дијалогот со Бугарија, што треба да се разгледаат
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ќе допатува за Скопје. Неговата посета следи по вчерашната на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.
Предвидено е Вархеји да има средба со премиерот Зоран Заев на која ќе стане збор за напредокот во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. Се очекува во фокусот да биде надминувањето на бугарската блокада за старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Од ЕК посочуваат дека еврокомесарот Вархеји е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.
Тоа беше второ патување на Вархеји во Софија годинава. Тој на 21 мај беше во посета на Бугарија заедно со шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантос Силва, каде што на средби со бугарските политичари разговараа за португалскиот предлог за решавање на спорот помеѓу Софија и Скопје. Тогаш тие беа во посета и на земјава.
- Силва и Вархеји во посредничка мисија во Скопје и Софија
- Стоев по средбата со Силва и Вархеји: Не може да се очекува Бугарија да ја промени позицијата за С Македонија
- Заев: Предлогот на Вархеји и Силва е добра основа за решение на спорот со Софија
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, за време на Стратегискиот форум во Блед на 1 септември, за БНТ изјави дека притисокот врз Бугарија во наредните месеци на тема Република Северна Македонија ќе продолжи да се зголемува.
Уште еден чекор
На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев вчера, претседателката на ЕК изјави дека е целосно фокусирана на формално отворање на преговорите до крајот на годината, додека за дијалогот со Бугарија рече дека се работи со двете страни и дека има добри идеи што треба да се разгледаат.
Фон дер Лајен рече дека целосно посакува формалното отворање на преговорите да биде што поскоро и повика да не се губи верба, затоа што С Македонија и ЕУ, како што рече, треба да направат само уште еден чекор, по напредокот што е постигнат досега.
Потоа, одговарајќи на прашање кој е тој последен чекор што треба да се направи, таа посочи дека ЕУ има многу добри идеи во дијалогот со Бугарија, што треба да се разгледаат.
„Работиме со двете страни, работиме и со Бугарија за да ја надминеме последната пречка. Има многу добри идеи што треба да се разгледаат, се со цел да ја надминеме последната пречка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Нашата цел е со С Македонија и со Албанија да почнеме пред крајот на годината. Има многу работа, долг е процесот, многу разговори, затоа што има многу теми што може да се решат со добар дијалог. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес, кој веќе не треба да биде попречуван од овие теми“,
рече Фон дер Лајен.