Тој вели дека во мај 2019 година, кога е снимен разговорот, пред Врховниот суд немало активен предмет на СЈО
Експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, во изјава за порталот Плусинфо, ја коментира објавената снимка од Антонио Милошоски, во која се слуша како доскорешниот премиер Зоран Заев го споменува неговото име во насока на влијание во носење одлука во највисокиот суд.
„Видно од објавеното писмо на прес конференцијата на господинот Милошоски, се објавува разговор воден во месец мај 2019 година во просториите на Владата, а во кој се спомнува моето име. Објавена е аудио-снимка во која лицето З.З. кажува дека со мене нешто договорил. Јас тврдам дека во месец мај 2019 година пред Врховниот суд немаше активен предмет во кој тогашното СЈО се појавува како странка која не е овластен тужител во постапките согласно начелното правно мислење на овој суд. Сите тие постапки беа завршени неколку месеци пред тоа. Со господинот Заев, јас како претседател на највисокиот македонски суд, сум имал неколку средби остварени во премиерскиот кабинет, при што бев почестен со кафе и со вода. Од тука, мене објавениот разговор или монолог ми наликува на негово себепромовирање во голем моќник, но и претставување како мој голем пријател“,
вели Вангеловски за Плусинфо.
Целата изјава на експретседателот на Врховен можете да ја прочитате ТУКА.
Заев во снимката го споменува Вангеловски како еден од судиите кои треба да „паднат“ поради бегството на Сеад Кочан и на Горан Грујевски.

Токму поради бегството на бизнисменот Кочан, против Вангеловски, но и против неговата колешка Рахилка Стојковска се води постапка за разрешување од судиската функцијата. Судскиот совет донесе одлука да ги разреши, па сега во тек е жалбената постапката. Имено, тие поднесоа жалби до Советите за жалба при Врховниот суд, но постапката пред ова тело постојано се одолговлекува.
*Поврзана вест: Јово Вангеловски иницира разрешување на судии што треба да го потврдат неговото заминување од Врховен
Последното одлагање беше во четвртокот (20 февруари 2020), кога Советот за жалба не решил ништо бидејќи не биле присутни сите 9 членови. Поради отсуство на судијата од гостиварска апелација, Африм Јакупи, наводно поради смртен случај во семејството, жалбениот совет само констатирал дека не се исполнети условите за да заседава и закажал нов состанок за 9 март, вели за „360 степени“ извор упатен во случувањата.
Но, дури и да имало услови за одржување на седница на жалбениот совет во четвртокот, прашање е дали ќе била донесена конечна одлука затоа што се поднесени барања за изземање на жалбените совети и за Вангеловски и за Стојковска.
Исто така, Вангеловски поднел претставки со барање за разрешување на врховните судијки Беса Адеми и Цветанка Периќ поради, според негова оценка, нестручно и несовесно водење на постапката за него пред жалбениот совет.
Исти претставки, според нашиот извор од Судскиот совет, поднела и Рахилка Стојковска. Таа бараа разрешување на врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, со истото образложение.