Порталот „Слободен печат“ денеска објави дека Оксфордската вакцина против Ковид-19, што се очекува да дојде во земјава со посредство на Полска, нема да биде задолжителна. Така за медиумот тврди директорот на Центарот за јавно здравје Скопје и член на Комисијата за заразни болести, професор доктор Александар Стојанов.
„ Не може вакцината против Ковид да биде задолжителна. Има задолжителни вакцини по календар, за лица до 18 години, но понатаму другите што се примаат како на пример за тифус, грип, жолта треска, не се. Никого не можеме да го натераме да ја прими. Идејата беше вакцинацијата да се одвива на секои шест месеци, но уште ова не е официјализирано, бидејќи не знаеме колку време ќе штити. Можам само да кажам, дека како за сите, така и за нас, на колку време ќе се вакцинираат во другите земји, тој модус ќе го следиме и ние. Според препораките на Светската здравствена организација, секоја земја треба да добие дози за 20 проценти од населението, што за наши услови би било околу 400 000 вакцини. Дали ќе дојдат толку, ќе видиме“,
изјавил Стојанов за „Слободен печат“.
И други извори кои ги контактираше „360 степени“ потврдуваат дека вакцината за ковид-19 во земјава нема да биде задолжителна, но дека тоа е став само „засега“. Со други зборови, нема дефинитивно решение па има можност актуелниот став да биде променет.
Во изјавата за „Слободен печат“, Стојанов дополнува и дека вакцината, која е во третата од четирите фази на тестирање, во земјава прво ќе ја примат ризичните групи на населението, како хронично болните и возрасните.
Целата вест на „Слободен печат“ може да ја прочитате на линкот подолу.