Јавна расправа, дебата или дискусија за Изборниот законик ќе има в среда, во 14 часот, а за локацијата дополнително ќе ве известиме. Ќе се дискутира дали треба да има шест или една изборна единица, дали треба да има отворени листи и еднаква родова застапеност на пратеничките листи и ќе можеме заедно пред амандманската расправа да ги согледаме сите аргументи за потребата од ова законско решение.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти Александар Кирацовски, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
„Не знам поради кои причини претседателот на Собранието Талат Џафери на некој начин спречи јавна дебата или расправа по однос на ова предлог-законско решение кое е исклучително битно за развојот на демократијата. И таквиот негов чин, иако е мој колега и почитуван, го сметам за недемократски, но мислам дека заедно ќе успееме да изнајдеме можност ова законско решение да допре до граѓаните“, рече Кирацовски.
Повикувајќи се на Деловникот на Собранието, Кирацовски рече дека ирелевантно е тоа дали ќе се нарече дискусија, дебата, расправа, важно е граѓаните да добијат сознание кое е тоа законско решение во однос на Изборниот законик кое нив најмногу ќе им одговара. Потсети дека досега по истиот начин се закажани јавни расправи за Законот за данок на личен доход, Законот за минерали суровини, Законот за заштита од пушењето и за многу други законски решенија.
Тој појасни дека ако претседателот на Собранието Џафери дозволи, дебатата ќе се одржи во Собранието, во собраниската сала „Борис Трајковски“. Ако не дозволи, ќе ја организираат во холот на Собранието, или на скалите или некаде надвор во некоја конференциска сала, тоа, како што рече, е ирелевантно.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кирацовски рече дека на расправата или дебата ќе бидат повикани сите претседатели на политички партии или нивни претставници, особено на малите партии, сите што директно се вклучени во изборниот процес, ДИК, НВО…