Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на АНБ го пропуштиле низ безбедносниот филтер, Олександр Онишченко

В среда, напладне, собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање ќе одржи седница со дневен ред: Улогата на Агенцијата за национална безбедност во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на АНБ го пропуштиле низ безбедносниот филтер, Олександр Онишченко.
Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов денеска изјави дека директорот на АНБ Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на АНБ го пропуштиле низ безбедносниот филтер, Онишченко кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и е ставен на црната американска листа.
„Тој е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши. Веќе имам чувство дека секој втор криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата“,
рече Пренџов.
Случајот со Олександр Онишченко е актуелен од петоко, кога порталот „Призма“ објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар кој е на листата на санкции на Соединетите Американски Држави (САД).
Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека четири институции дале позитивно мислење – Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на коњички спортови.