Според соопштението од кабинетот на германскиот канцелар, на Самитот ќе присуствуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, поранешните домаќини на самитот на Балканскиот процес од 2014 година, неколку членки на Европската Унија од регионот, како и највисоките претставници на регионалните и меѓународните организации
Како дел од таканаречениот Берлински процес, в четврток во Берлин ќе се одржи Самит на Западен Балкан, соопшти кабинетот на германскиот канцелар Олаф Шолц.
Според соопштението од кабинетот на Шолц, на Самитот ќе присуствуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, поранешните домаќини на самитот на Балканскиот процес од 2014 година, неколку членки на Европската Унија од регионот, како и највисоките претставници на регионалните и меѓународните организации.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.
Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се организираат серија состаноци на претставници на политиката, бизнисот и граѓанското општество. Оваа година на 20 октомври се одржа состанок на министрите за внатрешни работи, а на 21 октомври за надворешни работи на земјите учеснички.
На тие состаноци, кои исто така се одржаа во Берлин, беа поканети министри од Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Учествуваа и претставници на Европската комисија и меѓународни организации.