Од јавниот сервис за „360 степени“ ја потврдија информацијата дека сите кандидати за шеф на државата ја прифатиле поканата за дебата
Првото и единствено предизборно соочување на сите седуммина кандидати за претседател на државата ќе се одржи утре (недела, 21 април 2024 г.) на МРТ 1.
Од јавниот сервис за „360 степени“ ја потврдија информацијата дека сите кандидати за шеф на државата ја прифатиле поканата за дебата. Соочувањето ќе се емитува од 20 часот на првиот канал.
Последен што потврди беше актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски. Тој , како што соопшти денеска неговиот тим за комуникации, ја прифатил поканата за дебата, иако останува на ставот дека треба да се расчисти случајот со индиции за лажни анкети за рејтинзите на кандидатите и партиите поврзан со Македонската радио-телевизија.
„Решив да ја прифатам поканата за заедничка дебата на националниот јавен сервис – Македонска радио-телевизија, со оглед на тоа дека сите мои противкандидати ја прифатиле поканата да учествуваат во дебатата. Останувам на претходно изнесениот став дека е потребно да се расветли случајот во кој имаше јавно изнесени индиции дека јавниот сервис бил користен за изработка на лажни анкети и дебати за рејтингот на политичките партии и кандидатите за претседатели, а со тоа и фабрикување на јавното мислење,“
се наведува во денешното соопштение од Пендаровски.
Кога новинарот Фуркан Салиу, а потоа и СДСМ, го отвори случајот, од Македонската радио-телевизија ги отфрлија, како што ги оценија, неоснованите напади за професионалноста и објективното известување на јавниот сервис и посочија оти како и досега, така и во иднина, МРТ ќе известува точно, проверено, објективно и согласно сите етички и професионални стандарди.
Пендаровски претходно во неколку наврати иницираше т.н. мастер-дебати кои, како што неодамна соопштија од неговиот изборен штаб, нема услови за да се одржат.
Идејата на Пендаровски беше дебатите да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.
Од штабот на Пендаровски тогаш порачаа и дека изминатиот период одржале и состаноци со одговорните лица од националните телевизии и со претставници од изборните штабови на останатите претседателски кандидати со цел, како што рекоа, да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања.
„Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие ‘мастер дебати’,
потенцираа од штабот на Пендаровски.
Дел од кандидатите, како што информираа тогаш од штабот на Пендаровски, имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред сè Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски нагласија оти тоа не е можно.
Сепак, кампањата пред првиот круг од претседателските избори нема да помине без соочување на сите седумтемина кандидати со оглед на најавите дека дебата ќе има утревечер на МРТ 1.