Премиерот Димитар Ковачевски утре (недела) ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Средбата e најавена за 15 часот во Клубот на пратеници.
Тема на разговор е францускиот предлог за преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
По добивањето на предлогот, премиерот Ковачевски најави широки консултации со коалициските партнери, со претседателот на државата, со парламентот, со граѓанскиот сектор, како и со опозицијата.
„Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство… Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија“,
стои во владиното соопштение со кое се потврдува утрешната средба Ковачевски-Мицкоски.
Денеска Мицкоски учествуваше на протестот против францускиот предлог пред Влада.
Од владејачкиот СДСМ реагираа дека протест за кое било прашање е уставно гарантирано право, но посочија дека процесот на широки консултации сè уште е во тек со сите политички и општествени чинители.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, за утре напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори. На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.