Не стивнуваат препукувањата меѓу опозициската СДСМ и претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и актуелен министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ
СДСМ во објава на Фејсбук, пропратена со црно-бела фотографија од Стоиљковиќ, го обвинуваат дека тој навредува со речник на поделба, што за нив е комплетна копија на кампањата на Вучиќ во земјава.
„Стоилковиќ ја заострува реториката. А ВМРО бандата се нафрли врз младите кои носеа транспарент со вистината за водата во Ново Село. Вучиќ си има свои ‘батинаши’, а сега Мицкоски се обидува да создаде свои насилници и тепачи“,
велат од СДСМ.
За Стоиљковиќ ваквата објава е морбидна.
„Порака со умреница, баш очајно! И во живо и на умреница сум поубав од Вас и не заборавајте, на крајот убавината секогаш го победува злото“,
вели тој.
Засиленото разменување на пораки доаѓа откако неделава порталот „expres.mk“ објави реакција на „Регионалниот одбор Куманово на српската заедница во Македонија“ против лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во текстот се користат зборовите „политичка бљувотино“, „духовен изроду“ итн. Потоа, реакцијата на Фејсбук ја сподели и претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и актуелен министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, кој ги повика припадниците на српската заедница „да не паѓаат на нивото на од злото распаднатата СДСМ дружина, предводена од политичкиот дунстер Венко Филипче“.
По ова, реагираа српската Демократска партија, како и опозициската Лига на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ).
Тие велат дека нападот од Стоилковиќ на Филипче не е одбрана на српските интереси, туку политичко насилство од Вучиќ. Од ЛСВ текстот против лидерот на СДСМ го оценија како политички памфлет, чија цел е да се заштити Стоиљковиќ.
Инаку, СДСМ континуирано е во костец со Стоилковиќ, обвинувајќи го дека тој е дел од „српскиот свет“ и дека ги брани руските интереси во земја членка на НАТО.
Минатата недела лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на брифинг со новинарите најави дека ќе поднесат интерпелација против Стоилковиќ, за, како што рече тој, насилничко однесување во парламентот поради навреди и пцости упатени кон пратеници на седницата за владина реконструкција, но и за време на паузата.
