Откако во четвртокот американскиот Сенат го отвори судењето со заклетва на главниот судија на Врховниот суд на САД, Џон Робертс и на сите сенатори, утре почнуваат првите распити за импичмент на шефот на државата, Доналд Трамп.
Предметите во кои е обвинет Трамп, од Претставничкиот дом до Сенатот беа предадени во улови на најголема безбедност на Капитол хил.
Трамп е обвинет за злоупотреба на претседателската функција и попречување на работата на Конгресот, за наводна уцена на Украина да отвори антикорупциска истрага против политичкиот ривал Џо Бајден, со 391 милион долари воена помош за оваа земја, која е сојузник на САД, чиј дел од територијата е воено окупиран од Русија.
Но Трамп, кој постојано изјавува дека целата ситуација со импичментот е „грешка“ и „лов на вештерки“ од демократите, смета дека ќе биде ослободен од обвиненијата, а неговите постапки кон Украина, според него, се дел од борбата против корупцијата во оваа земја.
Сепак, демократите не попуштија и откако изгласаа отповикување на Трамп во Претставничкиот дом во декември, сега бараат распит и на останати сведоци кои би можеле да откријат нови детали од притисокот врз Киев.

Освен за најавените дискусии утре и в среда, малку се знае каков ќе биде распоредот на судењето за импичмент потоа. Извесно е само дека гласањето за импичментот ќе се случи некаде во втората половина на февруари.
Републиканскиот сенатор Џон Корни проценува дека судењето може да трае околу три недели, но зависно од тоа колкумина сведоци ќе бидат повикани, овој рок може да се развлече.
Првата сесија започнува утре во 13 часот по локално време, со вербални аргументи на седумте менаџери на судењето (обвинители) на демократите во Конгресот, а в среда во истото време почнува сесија со настап на бранителите на Трамп.
Неизвесно е што ќе се случува во Сенатот в четврток и в петок. Демократите бараат Горниот дом на Конгресот да повика најмалку тројца сведоци – а оние што засега потврдија дека ќе одговорат ако бидат повикани со судска покана се Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност во Белата куќа и Лев Парнас, асистент на личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, кој минатата недела во Конгресот предаде куп документи што ги инкриминараат и Џулијани и Трамп.
Републиканците сметаат дека нема потреба од нови сведочења поради тоа што недостатоците во доказниот материјал укажуваат дека била спроведена лоша истрага.
Државната ревизија на САД, независно тело, пак, во петокот во својот извештај оцени дека со задржаната воена помош за Украина, Белата куќа прекршила федерален закон.
По сè изгледа, повикувањето на побараните сведоците треба да биде изгласано од сенаторите и таа одлука ќе биде донесена откако седумте обвинители од демократите и бранителите на Трамп не ги претстават своите аргументи „за“ и „против“ отповикување на 45. американски претседател.