Во рамки на контролата, одземени биле два електрични тротинети, а за сите констатирани прекршоци, како што додаваат од Министерството, се преземени соодветни мерки и изречени санкции согласно законските прописи
Вкупно 167 прекршоци констатирал Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи (МВР) за време на акциската контрола на возачи на електрични тротинети која била спроведена на територијата на целата државата.

Акцијата, која, како што наведуваат од МВР, е дел од засилените контроли на возачи на лесни електрични возила, односно електрични тротинети, била спроведена вчера во периодот од 17 до 22 часот.
Од констатираните 167 прекршоци, најголем дел, според соопштението на Министерството, се однесуваат на неносење рефлектирачки елек при управување со електричен тротинет во ноќни услови и неносење заштитна кацига.
„Од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирани се 81 прекршок, на подрачјето на СВР Охрид 26, а на подрачјето на СВР Битола 23 прекршоци, додека другите прекршоци се констатирани на подрачјата на другите сектори за внатрешни работи“,
се наведува во соопштението од МВР.
Во рамки на контролата одземени биле два електрични тротинети, а за сите констатирани прекршоци, како што се додава, биле преземени соодветни мерки и изречени санкции согласно законските прописи.
Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека за време на контролата полициските екипи констатирале и 206 прекршоци од друг вид.
Оттаму велат дека и понатаму ќе продолжат со засилени сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
