Собраниската конститутивна седница ќе продолжи утре (петок, 21 август) напладне, дознава „360 степени“, но засега нема потврда дали ова значи дека се надминати недоразбирањата во ДУИ.
Конститутивната седница требаше да продолжи денеска, а со тоа и да биде реизбран Талат Џафери на позицијата претседател на Собранието, но такво нешто не се случи. Доцна вечерва претседавачот Џафери го закажал продолжението за утре во 12 часот.
Како што веќе беше објавено во повеќе медиуми, се појавило незадоволство во редовите на ДУИ во однос на кадровските решенија на Ахмети за составот на новата Влада. Неофицијално, скопските ограноци на ДУИ од Чаир и Сарај негодувале за кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Седницата на Централниот совет на ДУИ што се одржа во вторникот, наводно, ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Неизвесно е дали овие недоразбирања се надминати, иако во прилог на овие наводи одеше и денешното нервозно напуштање на Собранието од страна на Арбен Зибери.
Во текот на денов, „360 степени“ неколкупати се обиде да стапи во контакт со дел од раководството на ДУИ, со цел да се потврдат или отфрлат овие наводи, но тие не одговорија на нашите повици.
Инаку, според Деловникот на Собранието, кандидат за претседател на законодавниот дом предлага или Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Со оглед на тоа што во текот на денот се собираа потписи за кандидирање на Џафери, одбрана е втората опција.
Но, без гласовите на Меџити, Зибери и уште еден пратеник од ДУИ кој бил воздржан, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот на Собранието се избира со 61.