Претседателот на Собранието е дециден дека целосно го испочитувал Уставот како највисок правен акт или регулатива на која му се подредени сите други акти, и не направил никаков преседан. Потенцираше дека секој граѓанин има право да му ја оспори одлуката ако смета дека е спротивна на Уставот

Претседателот на Собранието, Талат Џафери тврди дека не ја прекршил процедурата околу отфрлањето на иницијативата за референдум за поништување на Договорот со Бугарија поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас дадов известување до подносителот на иницијативата дека нештата што дошле до мене, првично се спротивни на Уставот. Тоа не е никаква одлука. Јас целосно го испочитував Уставот како највисок правен орган“,
рече Џафери во вечерашното гостување на емисијата „24 анализа“.
Тој нагласува дека сам не толкува ништо, туку само спроведува.
„Сите прописи се подредени на Уставот. Јас имам 20 години искуство во учество во работата на Собранието. Никаде не пишува во членот што треба да се прави, туку дека јас треба да спроведам Устав и правилник“,
потенцира Џафери.
Одлуката што ја донесов, вели Џафери, не е политичка, туку тоа е моја обврска.
Тој е дециден дека целосно го испочитувал Уставот како највисок правен акт или регулатива на која му се подредени сите други акти, и не направил никаков преседан. Потенцираше дека секој граѓанин има право да му ја оспори одлуката ако смета дека е спротивна на Уставот.
„Не правам преседан, туку јас како претседател на Собранието уште еднаш докажувам дека врз основа на мојата прва изјава од 2017 година дека нема да дозволам да се узурпира институцијата Парламент и не зависам од ниту една полититчка одлука, која и да е. Ако имаат проблем во смисла дека не смеам јас тоа да го кажам, туку требало Уставниот суд, секој граѓанин има право да го оспори моето известување. Јас спроведувам Устав. Јас сум убеден дека работа што е недозволива, не смеам да ја пуштам во процедура. Нема да дозволам да се узурпира институцијата Парламент, и не зависам од ниту една политичка одлука, ниту од мојата партија и лидерот Ахмети. Тој не може да одлучува за она што мене ми е пропис, зашто утре тој нема да одговара“,
рече Џафери.
Во однос на најавите дека против него ќе биде поднесена кривична пријава, Џафери вели дека кој сака нека покрене кривична пријава.
„Стопати претходно покренаа кривични против моите одлуки. Сите одлуки се во моја полза“,
рече Џафери.
Тој не размислува ниту да си поднесе оставка од функцијата.
„Зошто да си поднесам оставка? Кој вика дека сум ја прекршил процедурата? Кои се тие што повикуваат за моја оставка? Со кој мандат? Ги почитувам тие експерти што викаат дека сум прекршил процедура, но ниту еден од нив не се соочил со спроведување на прописите. Едно е теоретско разгледување и хипотеза, а друго е практичната примена на носителот на функциите. Јас не толкувам, туку го спроведувам она за што сум се изјаснил во моментот на мојот избор и во тој момент, како што е процедурата, сум дал заклетва и сум се обврзал да го почитувам Уставот и законите. Уставот е над сите правни акти“,
рече Џафери.