Османи е дециден дека референдум за Договорот со Бугарија не може да има, ниту треба да има затоа што договорот е еден од важните столбови на евроатлантска Северна Македонија, покрај Преспанскиот и Охридскиот. Раскинувањето на Договорот со Бугарија, според него, е ризикување на евроатлантска Северна Македонија
Уставните измени се во интерес на државата, а референдум за Договорот со Бугарија не може и не треба да има зашто неговото поништување е ризикување на евроатлантска Северна Македонија, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.

Во однос на иницијативата за референдум, тој смета дека опозицијата свесно или несвесно направила една голема услуга на процесот на уставните измени, затоа што ја раздвоила дебатата помеѓу Договорот со Бугарија и измените на Уставот.
„Уставните измени не се дел од обврска од Договорот. А оние што рекоа – да правиме референдум за Договорот со Бугарија, тоа значи дека уставните измени се добри и ние можеме тој процес да го тераме. Таков беше ставот на опозицијата од почеток, вие ја знаете изјавата на Мицкоски – ако е ова последно барање на Бугарија во ред сме со уставните измени. Потоа рече во ред сме – ние не сме против внесување на Бугарите, Црногорците и Хрватите, но заради тоа што е уцена не прифаќаме, што значи дека во суштина никој не е против. Дури има многу во ВМРО-ДПМНЕ со кои јас комуницирам коишто знаат дека е ова во интерес на македонскиот народ, во интерес на државата бидејќи претставува институционално дефинирање на односите помеѓу мнозински македонски народ и бугарски малцински народ во РСМ“,
вели министерот за надворешни работи.
Османи кажа дека во моментов нема формални разговори со пратениците за уставните измени, иако има комуникација.
„Јас во тие разговори и во рамки на Владата имам поинаков пристап како треба да пристапиме на овој процес. Сметам дека ние имаме еден друг проблем пред да стигнеме до убедување на пратениците, а тоа е убедување на граѓаните. Очигледно во оваа фаза пропагандата и лажните вести не победија во аргументирањето што се случи со почетокот на преговорите“,
рече Османи.
Тој е дециден дека референдум за Договорот со Бугарија не може да има, ниту треба да има затоа што договорот е еден од важните столбови на евроатлантска Северна Македонија, покрај Преспанскиот и Охридскиот. Раскинувањето на Договорот со Бугарија, според него, е ризикување на евроатлантска Северна Македонија.
За официјалниот старт скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија што почна денеска во Брисел, Османи вели дека е суштинска фаза на преговорите и затоа не треба да има недоразбирање во јавноста дали тие се почнати или не.
„Скринингот ги утврдува целите кои треба да ги постигнеме во текот на преговорите. Не е за да ги стартува преговорите. Ние сме ги стартувале преговорите на 19-ти јули со првата меѓувладина конференција и тука веќе почнува одбројувањето како кај секоја држава. Сега се утврдуваат патоказите, точните беч-маркови коишто треба да се постигнат. Скринингот е деталниот проект за самиот процес на преговори и еден од најсуштествените елементи“,
појасни Османи.
Прашан за дилемата во јавноста дека преговорите зависат од уставните измени, шефот на дипломатијата посочи дека според постигнатиот компромис некаде во текот на преговорите, а пред отворањето на првиот кластер, односно Поглавјата 23 и 24 да се направат измените на Уставот.
„Тоа беше компромис бидејќи Бугарите бараа пред скринингот односно пред почеток на преговорите да се направат уставните измени. Нашата позиција беше не, туку на крај на преговорите. И постигнавме компромисно решение – ниту бугарската позиција пред почеток на преговори, ниту нашата, на крај – некаде на средина после завршувањето на скринингот“,
рече Османи.
Сепак, вели, за да продолжи отворањето и затворањето на поглавјата има еден услов и тоа беше компромисот со Бугарија.
„Да ги потсетам уште еднаш граѓаните, секогаш велам исходот на преговорите со Бугарија беше 3:1 за нас, ние го зачувавме јазикот, ги почнавме преговорите, ги оставивме историските прашања надвор од патоказите, од овие акциски планови, а Бугарија доби промена на Уставот некаде на средина на процесот, односно после почетокот на преговорите. Затоа сметам дека беше добар компромис, плус имајќи предвид дека уставните измени не се контроверзни. За уставните измени има консензус во јавноста дека тоа не е штетно за државните интереси, за интересите на кој било“,
нагласи Османи.
Според него улогата на заедничката македонско – бугарска комисија не е ретуширање на историјата, не е да се пишува историјата одново или да се ревидира, туку да се најдат заеднички точки за историски настани и личности кои ќе бидат мост за подобро разбирање и зближување помеѓу народите, да објасни што е заедничко, затоа што очигледно нешто е заедничко.
Тој вели дека во Бугарија има универзитети со исти имиња и градови, а слика од Гоце Делчев има во самата канцеларија на претседателот Румен Радев, што според него е индикатор дека „очигледно постои нешто заедничко“.
„Кога бевме во канцеларијата на претстедателот Радев на највисокото место во неговата канцеларија е сликата на Гоце Делчев, што значи дека нивното верување дека имаат врска со Гоце Делчев е реалност. Ние може да игнорираме дека не постојат проблеми во историските интерпретации, но одете во Бугарија и ќе видите дека тие таму имаат универзитети, градови со исти имиња, што значи дека проблемот со интерпретацијата е реален ајде да видиме како тоа да го ставиме во функција на подобра меѓусебна соработка, отколку конфликти, и тоа е улогата на комисијата за историски прашања“,
изјави Османи.
Додаде дека на Комисијата за историски прашања гледа како на можност да се најдат заеднички точки кои ќе бидат мост за зближување и разбирање.
„Гледајте ги решенијата кои ги објавивме за Св. Кирил и Методиј, за Цар Самоил и Св. Наум Охридски, гледате дека идентификуваат повеќе нивни активности во географскиот простор за да се види некаков заеднички деноминатор зошто тие би биле предмет за заедничко прославување“,
поосчи Османи.
Порача дека стравовите односно отпорот во однос на историските прашања се непотребни.
„За одредено време ќе се смееме на оваа дебата и овој отпор. Јас улогата на комисијата ја гледам во конзервирање на процесот се до неговото созревање, уште не сме созреани како општество. Историската комисија ја конзервира дебатата за да не ја контаминира вкупната општествена комуникација помеѓу двете држави која со време како што ќе созрева сами по себе ќе се решаваат прашањата. Важно е дека ние се движиме, затоа што шансата да се движиме можеби нема да дојде пак, уверувам дека стравовите се непотребни“,
оцени Османи.
