Во рамките на форумот ќе се одржи и посебна седница на претседателите на балканските уставни судови, на која ќе биде разгледана и усвоена охридската декларација како заеднички документ со кој ќе се потврди определбата за натамошно продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на владеењето на правото
Уставниот суд од 12 до 15 ноември годинава ќе биде домаќин на четвртиот форум на балканските уставни судови. Во рамките на настанот што ќе се одржи во Охрид, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, централното место ќе го заземе меѓународната конференција на тема „Современи предизвици за владеење на правото: Улогата на уставните судови“.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешниот отворен брифинг со новинарите информира дека со одржувањето на форумот ќе се заокружи годинешното претседавање на Судот со оваа регионална иницијатива, која, како што кажа, претставува значајна платформа за соработка, размена на искуства и унапредување на уставносудската практика во регионот.
Костадиновски информира дека во центарот на меѓународната конференција ќе бидат прашањата за зајакнување на довербата во уставните судови, заштитата на владеењето на правото во услови на современи демократски предизвици и улогата на уставното судство во дигиталната ера. Преку размена на искуства и добри практики, како што посочи, учесниците ќе дискутираат за унапредување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на уставното судство.
„Досега е потврдено учеството на триесетина високи претставници од уставни судови, меѓународни институции и организации. Покрај делегациите од земјите членки на форумот – Албанија, Бугарија, Црна Гора, Косово и Турција – ќе учествуваат и претставници на Врховниот уставен суд на Египет, на Уставниот суд на Азербејџан, на Кореја, на Конго, на Узбекистан и на Шпанија, Асоцијацијата на франкофонските уставни судови (ACCF), Европскиот суд за човекови права, Венециската комисија и други истакнати претставници на меѓународната правна заедница. Од поканетите гости како специјален гостин ќе биде претседателот на најстариот Уставен суд во Европа, Уставниот суд на Австрија“,
рече Костадиновски.
На свеченото отворање на форумот е поканет државниот врв, односно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, други претставници од политиката и правната фела, како и првите луѓе на највисоките правосудни инстанции во државата.
Во рамките на форумот ќе се одржи и посебна седница на претседателите на балканските уставни судови, на која ќе биде разгледана и усвоена охридската декларација како заеднички документ со кој ќе се потврди определбата за натамошно продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на владеењето на правото.
Костадиновски истакна дека организацијата на четвртиот форум на балканските уставни судови претставува потврда за меѓународниот углед што македонскиот Уставен суд го изградил во изминатите години и за неговата активна улога во јакнењето на регионалната и меѓународната уставносудска соработка.
Осврнувајќи се на историјатот на форумот, Костадиновски потсети дека тој е создаден во 2023 година на иницијатива на македонскиот и бугарскиот Уставен суд. Првиот состанок е одржан во Софија во 2023 година, а вториот, на кој учествувал и Костадиновски, се одржал во Приштина, додека третиот бил одржан минатата година во Анталија, Турција. На овој состанок Уставниот суд на РС Македонија го презел претседавањето со форумот.
Инаку, на брифингот беше промовирана и специјализираната веб-страница наменета за информации за овој форум https://ustavensud.mk/bccf/.
