Според законската одредба која ограничуваше дека претседател на Судскиот совет може да биде само некој од членовите избрани од Собранието, избор се вршеше двапати – на Павлина Црвенковска во април 2021 и на Весна Дамева во декември 2022 година
Претседател на Судскиот совет отсега ќе може да биде кој и да е од членовите со право на глас. Тоа значи дека на чело на ова тело ќе може да застане и судија предложен од судовите во земјава, а не само членовите на Советот што ги предлагаат и избираат партиите и пратениците во Собранието.
„Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите што се избрани од Собранието, додека другите членови на Советот со право на глас се исклучени. Според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт“,
велат од Уставен.
Конкретно, Уставен ја укина одредбата од членот 8, став 3 од Законот за судски совет која предвидуваше дека претседател се избира од редот на членовите „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.
Ваквите ограничувања за избор на претседател беа наметнати со новиот закон кој стапи на сила во мај 2020 година.
Според овој закон, досега во два наврати се избираше прв човек на Судскиот совет. Во 2021 година за претседателка беше избрана Павлина Црвенковска која беше судски советник во скопскиот Апелациски суд.
Откако таа си поднесе оставка, по истите одредби во декември 2022 година беше избрана и нејзината наследничка Весна Дамева која беше стручен соработник во Основниот кривичен суд Скопје.
Судскиот совет го сочинуваат вкупно 15 члена од кои 13 се со право на глас. Оние со право на глас, според Закон, се осум члена кои се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието, а двајца по предлог на претседателот на државата. Тие имаат мандат од по шест години, а на функцијата претседател може да бидат по две години.
Преостанатите двајца членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, во случајот судијката Беса Адеми и Кренар Лога, но тие се без право на глас.