Ние презедовме сè што беше во наша надлежност, а секоја институција е одговорна за своите постапувања. Вака претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска ја коментира одлуката на Уставниот суд, кој ја отфрли нивната иницијатива за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба на коридорите 8 и 10. Пропаднатата иницијатива, еуфорично ја прокоментира вицепремиерот Артан Груби нарекувајќи ја „вест на годината“ – потег кој им отвора сомнеж на ДКСК.
„Уставниот суд е врв, нема што ние понатака, сè што било во наша надлежност ние сме преземале. Не знаеме кое е образложението за таквата одлука, многу нè интересира какво ќе биде тоа образложение, дотолку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот, уставни членови, и многу нè интересира со кое образложение е отфрлена оваа иницијатива. Дополнително ни предизвика посебен интерес, а и сомнеж, благодарноста искажана од страна на Артан Груби кон уставните судии“,
вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

ДКСК го оспори законот со образложение дека тој ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека Републиката ќе преземе мерки против монополска положба.
Антикорупционерите сметаат дека законот има правни празнини, отворен простор за субјективизам, политичко влијание, а самото донесување по скратена постапка е висок фактор ризик за корупција. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, за ТВ Алсат изјави дека идната недела ќе одбразложат зошто одлучиле да не поведат постапка.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека по одлуката на Уставен, Владата ќе продолжи со постапките утврдени со законот, кој експресно го помина собранискиот филтер. Уште не знае колку ќе чини изградбата на автопатите.
„Сè додека не се изготват конечните суми, цени, преговорите, не можеме да знаеме колку ќе чинат сумите или цените за изградба на овие патни правци… во моментов се уште нема договор и би се склучил само доколку Јавното претпријатие смета дека договорот којшто ќе е на маса е квалитетен, нуди брзи рокови на градба и суми на чинење кои се прифатливи за нив“,
кажа Бочварски.

Вицепремиерот Артан Груби, одлуката на Судот вчера ја нарече „вест на годината“.
„Веста за потврдувањето на Законот за изградба на Коридорот 8 од страна на Уставниот суд е вест на годината. Последната правна пречка која ја потикна Антикорупциската комисија денеска падна и сега веќе нема правни пречки да се оствари сонот на нашите граѓани, а тоа е поврзувањето со автопат од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово“,
кажа Груби.
Уште пред законот да го помине собранискиот филтер, Владата потпиша Меморандум за соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за тие целосно да ги проектираат и изградат коридорите 8 и 10. Конзорциумот нуди „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Бидејќи нема тендер, ќе има само една понуда на „Бехтел и Енка“, за што Владата директно ќе преговара.