Граѓаните на Македонија веќе ги почувствуваа првите топли периоди кога живата на термометарот покажува над 30 степени целзиусови. Вообичеано, тоа е сигнал дека следуваат годишните одмори што е шанса и да се здивне од работните обврски и од жештината во градовите.
Но, многу работи годинава не се вообичаени. Една од нив е што засега има само надеж дека одморот ќе може да се помине надвор од земјата.
Поради шансите тоа, сепак, да не биде возможно или ризично, а и поради фактот дека значителен дел од граѓаните останаа без приходи поради епидемијата, не е тешко да се претпостави дека главни туристички дестинации ќе бидат домашните. А најдобрата домашна дестинација е Охридското езеро, односно градовите Охрид и Струга.
Но, додека најголемите туристички центри во земјава ги чекаат гостите, дочекаа и раст на бројот на активни случаи на ковид-19.
Од 24 јуни до денеска, бројот на активни случаи на ковид-19 на подрачјето на Охрид се зголеми од 107 на 180. Во проценти, растот изнесува 68%. Но, тоа што е позитивно во целата слика е што, се чини, дека трендот успорува. Како што покажува графиконот подолу, во последните денови се уште расте бројот на активни случаи, но со смалено темпо споредено со претходно.

Речиси идентична е состојбата и во Струга. Од 24 јуни до денеска таму е зголемен бројот на болни за 61%. Но, како и во Охрид, темпото на зголемување на бројот на активно болни од коронавирусот како да се смирува во последните денови.

Струга и Охрид не се единствените подрачја во Македонија каде бројот на активно болни се зголемува. Според податоците на Министерството за здравство, вирусот зема голем замав во Дебар, Гостивар, Кичево и Свети Николе.
Од друга страна, некои кризни подрачја,како Куманово, веќе покажуваат забележителни подобрувања.