Билјана Чочовска (43), излекувана пациентка од ковид-19, откако се избори со болеста одлучи да донира крвна плазма за третман на болните. Таа за две недели го победила коронавирусот и се надева дека нејзината крвна плазма ќе им помогне на останатите пациенти.
„Со дарувањето на конвалесцентна плазма сакам да помогнам на тие кои во овој момент се борат со вирусот, а нивните симптоми се значително посилни. Ги охрабрувам сите кои се мислат дали да даруваат крвна плазма и воедно ги исполнуваат условите за тоа, да го сторат истото без двоумење. Постапката за проверка на присуство на антитела е брза, лесна, ефикасна и организирана, а чувството е прекрасно кога знаете дека можеби ќе помогнете некому во борбата против коронавирусот“,
вели Чочовска.
Од Институтот за трансфузиона медицина соопштија дека се обезбедени вкупно 75 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Повикот за дополнително и континуирано дарување на крвна плазма е активен, а оваа установа е достапна во секое време за сите донори.
Лицето кое што сака да дарува ковалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, вклучително на протоколите ќе биде земен и примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.
Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со ковид-19.
ЕК стимулира зголемена употреба на плазма за лекување ковид-19