„(Компанијата) ги платила каматата и еднократната такса за присилна наплата и има почнато со плаќање на главниот долг, а останува да плати уште 6 226 962 денари (околу 101 251 евро н.з,)“, соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешниот брифинг со новинарите
Уште една од вкупно осум фирми кај кои Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува присилна наплата на данокот на солидарност, кој беше воведен лани во септември, треба да ги подмири обврските од главниот долг. На оваа компанија, како што информира денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на брифинг со новинарите, ѝ преостануваат за исплата уште нешто над шест милиони денари, пренесува државната новинска агенција МИА.

Компанијата, како што рече Лукаревска, е од дејноста трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема.
„(Компанијата) ги платила каматата и еднократната такса за присилна наплата и има почнато со плаќање на главниот долг, а останува да плати уште 6 226 962 денари (околу 101 251 евро н.з,)“,
информираше Лукаревска.
Од 156 компании кои имаат поднесено даночен биланс за данок на солидарност, со обврска за плаќање на сума од 3 029 429 379 денари (околу 49 милиони евра), во законскиот рок платиле 149 компании, а по истекот на рокот УЈП почнала постапка за присилна наплата кај осум даночни обврзници и кај седум е веќе завршена.
Најголем износ, од 257,3 милиони денари за солидарен данок, како што претходно лани соопштија од УЈП, се уплатени од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.
Законот за данок на солидарност помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка, со европско знаменце.
Неговото донесување наиде на жестоки реакциите од бизнис-секторот, од каде што поднесоа иницијативи за негово оспорување пред Уставниот суд. Меѓу подносителите со кои тој се оспорува е и Стопанската комора на Северна Македонија. Оттаму тогаш излегоа со став дека Законот е погубен и деструктивен за целиот бизнис и стопанството во државата. Реагираа и на тоа што при неговото носење не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат данокот.
Министерство за финансии, кое беше предлагач на Законот, во своја одбрана посочуваше дека станува збор за еднократно, вонредно и привремено решение кое се носи во услови на криза и кое ќе донесе само позитивни ефекти.
Претседателката на Уставен, Добрила Кацарска во изјава за медиумите на маргините на настан кон крајот на ноември, рече дека во врска со Законот за данок на солидарност се поднесени повеќе иницијативи и дека по тој предмет сè уште се работи.

Кацарска тогаш не сакаше да прогнозира што ќе се случува доколку судиите одлучат во корист на компаниите кои се спротивставија на Законот. До конечната одлука, таа рече дека секој што е засегнат од Законот за солидарен данок мора да го почитува и да ја плати обврската што произлегува од него.
„Секако дека секој еден којшто треба да постапи по тој закон мора да го почитува, тоа е и уставна должност на секој граѓанин да го почитува законот. Тие треба да го платат овој данок. Доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори за тие фирми и битно е дали при поведувањето на постапка, дали Уставниот суд би го укинал тој закон, дали би го поништил. Така што има разлика и не би можела да ви кажам сега што би се случувало додека Судот не се произнесе конечно“,
изјави Кацарска.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи претходно изјави дека не верува дека Законот за солидарен данок ќе биде оспорен од Уставниот суд, но доколку тој падне, средствата на компаниите ќе им се враќаат од буџетот наредната година.
Данокот за солидарност се однесува на сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат средства кои би се искористиле за антикризни мерки.